Среќна 13-ка за Емилија Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ, еден месец ќе биде пратеничка

Трајковска е првата жена кандидат на „остатокот“ на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица, од каде што во парламентот, по изборите во 2016 година, влезе и Невенка Стаменковска

1556

Емилија Трајковска од Куманово ќе биде нова пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, на местото на Невенка Стаменковска Стојковски, која минатата седмица беше избрана за дополнителна заменик-министерка за информатичко општество и администрација.
Трајковска е првата жена кандидат на „остатокот“ на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица, од каде што во парламентот, по изборите во 2016 година, влезе и Стаменковска, а откако тогашниот носител на листата Никола Тодоров експресно се повлече од пратеничката функција.
Мандатот на Трајковска како пратеничка ќе трае до конституирањето на новиот собраниски состав, што би се реализирало во почетокот на мај, односно максимум 21 ден по изборите на 12 април. Практично,Трајковска само околу еден месец ќе има можност да ја извршува активно пратеничката функција, со оглед на тоа што парламентот треба да се распушти околу 12 февруари годинава.

Бојан Стојаноски

Среќата да стане пратеник и овој пат не му се насмевна на младиот Бојан Стојаноски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров. Тој е следниот кандидат за пратеник на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица, ама, согласно Изборниот законик, на местото на Стаменковска треба да влезе следната кандидатка на истата листа. Затоа, покрај Стојаноски, од „комбинација“ отпаднаа и дванаесеттиот кандидат во „двојката“ Драган Петковски. Трјковска, пак, е на тринаесеттото место на листата во оваа ИЕ, каде што ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година освои девет мандати, наспроти осум за СДСМ, кога носител на листата беше сегашниот технички премиер Оливер Спасовски.

Од Државната изборна комисија соопштија дека на денешната седница ќе го разгледаат Извештајот за преземените работи, согласно член 153-а од Изборниот законик – за прифаќање на остатокот од мандатот за пратеник во Собранието, по известувањето од претседателот на Собранието за престанок на мандатот на пратеничката Стаменковска.

Потоа, мандатот на новата пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ треба да го потврди и собраниската Комисија за избори и именувања. Верификацијата на мандатот на Трајковска се очекува на првата наредна пленарна седница, закажана за 14 овој месец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...