Трамп си има твитер, а Земан си ја има ТВ Барандов – се лапидарните коментари по изјавата дадена, како и обично, за ТВ Барандов, дека агенсот Новичок, употребен во Англија за труење на двојниот агент Скрипал и неговата ќерка, во мало количество бил произведен и тестиран во Чешка, а потоа е уништен. Земан изјави дека неговата информација е базирана на извештај од Воената контраразузнавачка служба, додавајќи дека агенсот означен како А230 е изработен за тестирање од страна на Воениот истражувачки институт во Брно. Цивилната контраразнузнавачка служба, како што рече самиот Земан, дошла до заклучок дека гасот не бил Новичок. Ова внесе голема конфузија во чешката политичка и широка јавност, а и во мерките што се преземаат за конелчно расветлување на обидот за труење во Солзбери.
Најпрвин, изјавата на Земан зачинета и со становиштето дека е ,,лицемерно да се преправаме дека ова не е така”, е во директна спротивност со становиштата на чешката влада, вклучувајќи го и премиерот Андреј Бабиш, како и на воените експерти од Институтот за нуклеарна безбедност, кои претходно изјавија дека Новичок никогаш не бил произведен во Чешка. Како што е познато, во март Чешка протера тројва руската амбасада во Прага заедно со нивните семејства, како реакција на обидот за труење во Солзбери. Самиот Земан го означи агенсот што бил тестиран како А230, додека ексопертите за нуклеарна безбедност и цивилните контраразузнавачи укажуваат дека Новичокот со кој е извршен напад врз агентот Скрипал и неговата ќерка е означен како А234.
Како и да е, неочекуваната изјава на Земан и дојде како кец на десетка на Русија, која тврдеше отровот Новичок може да има чешко потекло и која изјавата на Земан ја користи за напади врз Обединетото кралсатво.
Конфузијата што ја внесе претседателот Земан ја исправаат бројни стручњаци и надлежни органи. Министерството за одбрана и претседателката на Државниот уред за нуклеарна безбедност Дана Драбова тврдат дека супстанцата позната како Новичок во чешките воени лаборатории е тестирана само во контекст на хемиска заштита на граѓаните, во износ од максимално неколку микрограма. ,,Ова е тнр. микро-синтеза која не се смета за производство, во согласност со меѓународната конвенција”, соопшти Министерството за одбрана. Тоа не е ниту илјадити дел од количеството употребено при обидот за труење во Солсбери.
Додека домашната јавност е збунета, Москва како да ликува, изјавата на Земан ја пречека како добредојдена. Претставниците на Кремљ го поздравија ,,признанието” на Земан. Портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова изјави дека исказот на Земан ги побива ,,фразите на владата на Тереза Меј дека Новичок се произведува само во Русија.”
Каналот 1 на руската државна телевизија, како што се јавува од Москва, објавила: ,,А сега пораката која може да влијае врз истрагата во случајот на Скрипалови! Чешкиот претседател призна дека неговата земја неодамна произвела и чува нервен гас сличен на оној што е користен во Солсбери… Милош Земан, заправо, ја открил лагата на Велика Британија.”
Чешките медиуми веќе му забележуваат на Земан што го наруши угледот на домашните тајни служби спротивставувајќи ги заклучоците на воените и цивилните безбедносни структури. Освен тоа, информациите што тој ги објави се под таен режим, и според ,,Лидове новине” на Земан му се заканува и казна од пет милиони круни.
Се разбира, никој овде не очекува Владата и Сенатот да седат со скрстени раце. Со нетрпение се исчекуваат нивните реакции во врска со изјавата на претседателот Земан. Тие можат да бидат уште еден, можеби дефинитивен чекор, во раздвојувањето на ,,двоецот” Земан – Бабиш, кој синхронизирано функционираше во времето на неодамнешните парламентарни и претседателски избори. Дотолку повеќе, што не оди се како подмачкано во пресрет на конституирањето на новата влада на Бабиш и гласањето за негова доверба, при што улогата на Земан не е за потценување. Што, се разбира, не значи и дека е без алтернатива.
Ристо Лазаров, Прага