Република Северна Македонија е модел на партнер на Венецијанската комисија, бидејќи праксата покажува дека нашата држава ги применува препораките на Комисијата. Ова, како што соопшти владината прес-служба, е истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев, придружуван од министерката за правда Рената Дескоска со делегација на Венецијанската комисија предводена од шефот на делегацијата, Томас Маркерт.
На состанокот е разговарано за аспектите на примена на донесените измени и дополнувања на Законот за употреба на јазиците, за што нашата држава побара мислење од Венецијанската комисија.
Премиерот Заев истакна дека Венецијанската комисија е драгоцен партнер на нашата држава, која е определена да гради праведна и правична држава, со еднакви права и должности за сите граѓани, во рамки на концептот Едно општество за сите, што е прифатен и од домашната јавност и од Европската унија.
– Сакаме да ги постигнеме европските стандарди и пракси, во делот на почитувањето на човековите права и во таа насока очекуваме насоки од Венецијанската комисија. Ние како Влада соопштивме уште пред донесувањето на Законот дека ќе го почитуваме мислењето на Венецијанската комисија и на Уставниот суд. Целта на законот е задоволување на практичните потреби на граѓаните, со цел сите граѓани да се чувствуваат заштитени и со доверба кон институциите на системот. Ние како држава сме Европа во мало и за нас е од големо значење да се поставиме според европските стандарди, применливи за нашата земја, со оглед дека на есен очекуваме позитивна одлука за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, а во декември заокружување на интеграциите во НАТО. Сите овие затворени домашни и меѓународни процеси важни за граѓаните отвораат пат на економскиот развој на државата, што веќе ги дава првите резултати – рече меѓу другото Заев.
Премиерот Заев се заблагодари за досегашната соработка со Венецијанската комисија и додаде дека очекува таа да продолжи и во иднина, посебно што Република Северна Македонија е посебно посветена на резултати од правосудните реформи и борбата со криминалот и корупцијата.
На состанокот е соопштен впечатокот дека нашата држава со позитивните промени и напредокот, ги има симпатиите на европската и меѓународната јавност, што се очекува да резултира со напредок и во евроинтеграциските процеси.