Европската перспектива на Западен Балкан беше една од темите за кои разговарале премиерите на Грција и Бугарија на нивната денешна средба на маргините на Самитот во Солун, а Кирјакос Мицотакис на Бојко Борисов му рекол дека е подготвен да преземе соодветни иницијативи за европската иднина на земјите од регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, на средбата станало збор и за неодамнешните заклучоци од Европскиот совет на 17 и 18 октомври.
– Премиерот ја потврди долгогодишната позиција на Грција за поддршка на европската иднина на Западен Балкан, што ќе придонесе за обезбедување мир, стабилност и просперитет во поширокиот регион. Мицотакис рече дека е подготвен да преземе соодветни иницијативи во оваа насока, потенцирајќи паралелно дека грчката поддршка за пристапниот процес на Балканот е неразделно поврзан со почитувањето на строгата условеност и со принципот на сопствените постигнувања на кандидатите, соопштуваат од кабинетот на Мицотакис.
Грчкиот и бугарскиот премиер разговарале и за бегалското/мигрантското прашање, за билатералната соработка, а било одлучено Високиот совет на соработка меѓу двете земји да се одржи во Кавала во февруари следната година.