Средба Димитров – Палмер во Делфи

136

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на маргините од Економскиот форум во Делфи, Грција, имаше средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер и американскиот амбасадор во Атина Џефри Пајат.

На средбата, како што објави Димитров на Твитер, се разговарало за регионални прашања и билатералната соработка.

Во Делфи Димитров треба да се сретне и со шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.

Димитров и Катругалос се дел од учесниците на форумот, а македонскиот министер вечер ќе има и свое обраќање.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на дипломатски извори објави дека фокусот на средбата ќе биде ставен на имплементацијата на Договорот од Преспа, „како и на техничките и практичните проблеми кои секојдневно се појавуваат од спроведувањето“.

Димитров синоќа во Делфи имал средба и со поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

– Иднината на пријателството, тесната соработка и стратешкото партнерство во сите сектори е отклучена. Нашиот регион е горд на својата историја. Но, со Преспанскиот договор, сега можеме да се гордееме и со достигнувањата на нашето време, напиша Димитров на Твитер по средбата со Коѕијас.

Министерот Никола Димитров во рамите на форумот во Делфи ќе има и други билатерални средби.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...