На денот кога пред 16 години пред влезот на Владата е убиен тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ во Белград власта и опозицијата одвоено полагаат венци и организираат меморијални шетања во негова чест.
Членовите на српската Влада, предводени од премиерката Ана Брнабиќ, положија венец под плочата на влезот на Владата каде што е убиен премиерот Зоран Ѓинѓиќ.
Од друга страна, претставниците на Демократската партија (ДС) на Ѓинѓиќ, почитувачите и пријателите, положија венец и цвеќиња на гробот на убиениот премиер во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград.
– Ова не треба да се сфати како негување на култот на личноста, туку како желба да се негува и почитува политичкото наследство на Зоран Ѓинѓиќ и да се зачуваат политичките идеи и филозофија што тој ги спроведе во Србија – изјави лидерот на ДС, Зоран Лутовац.
Тој порача дека претставниците на ДС, точно во време на убиството на Ѓинѓиќ – во 12часот и 20 минути положија венци на местото на убиството, во дворот на Владата на Србија.
Тој додаде дека претставниците на ДС вечерва заедно со организаторите на протестот „Еден од пет милиони“ ќе организираат мемеоријален протестен марш од Филозофскиот факултет до владината зграда каде што е убиен Ѓинѓиќ. Во повикот за оваа прошетка, се наведува дека граѓаните ќе имаат можност да оддадат почит на „големиот визионер, чие убиство го славеше сегашната власт“.
Паралелно, во организација на Либерално-демократската партија на чело со лидерот Чедомир Јовановиќ во Белград се организираше „Шетање за Зоран“ низ централните белградски улици до српската Влада.
И членовите и симпатизерите на Новата партија (НС) предводени од поранешниот српски премеир Зоран Живковиќ положија цвеќе и венци на гробот на убиениот премиер Ѓинѓиќ.
Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година во дворот на зградата на Владата, а за негово убиство на 40 години затвор осуден е офицерот на Единицата за специјални операции (ЈСО) на Одделот за државна безбедност, Звездан Јовановиќ, а со истата казна за организирање на убиството осуден е и командантот на ЈСО, Милорад Улемек-Легија.
Политичката позадина на убиството на Ѓинѓиќ досега не е откриена.
Ѓинѓиќ беше првиот српски премиер по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година и доаѓањето на власт на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и за време на неговиот мандат започна процесот на демократизација на општеството и на коренити економски и социјални реформи.
Владата на Ѓинѓиќ силно се залагаше за соработка со Трибуналот за воени злосторства во Хаг и за време на неговата влада беа уапсени и на овој суд му беа испратени неколку обвинети, меѓу кои и поранешниот претседател на Србија и на СРЈугославија, Слободан Милошевиќ.
ФОТО: МИА