Срамни црни листи

Ако има „д“ од демократија во ова наше општество и ако има „р“ од револуционерна свест за промени во главите на оние луѓе со кои до падот на режимот на Груевски заедно протестирав пред Владата и пред парламентот, мора да надвладее нашата заедничка обврска - да го заштитиме правото на луѓето (а особено на интелектуалците) непречено да го критикуваат Договорот со Грција.

6497

Барам по мрежава и буквално се разочарувам – ретко кој од луѓето што отворено и директно го поддржаа Договорот со Грција, меѓу кои е и мојата маленкост, се бунтува против правењето листи на „поддржувачи“ и „противници“ на Договорот, во парамедиумите на пропагандата на власта.

Кому вршат работа овие „црни сталинистички листи“, како што со право ги нарекува Јоци, една од тие што го критикуваат Договорот? Тоа се листи што во главите на оние што доживуваат оргазмички задоволства кога ги читаат, всушност ја бришат разликата помеѓу поранешната власт, помеѓу Груевски и Заев. Оттаму, без оглед што Заев и луѓето од неговата околина вообичаено се дистанцираат од ваквите написи, тие тоа го прават толку немушто, што се добива впечаток дека ја преземаат и одговорноста и политичката штета од ваквата црна пропаганда. Зошто, само они си знаат…

Сакам да нагласам дека иако овој пат сум на „белата“ листа, јас се срамам од фактот што воопшто сум запишан. Моето име е злоупотребено во една глупава поделба што ја форсира една будалетинка, еден простак, кој освен што е тотален игнорант за темата, нема апсолутно никаква смисла за критичко мислење, за борба на тези и антитези, за нијанси… Меѓу неговото вербално насилство и насилството на оние што бандитски протестираа пред парламентот, нема суштинска разлика.

Ако има „д“ од демократија во ова наше општество и ако има „р“ од револуционерна свест за промени во главите на оние луѓе со кои до падот на режимот на Груевски заедно протестирав пред Владата и пред парламентот, мора да надвладее нашата заедничка обврска да го заштитиме правото на луѓето (а особено на интелектуалците) непречено да го критикуваат Договорот со Грција. Ние сме пред референдум, на кој ќе му претходи соочување на аргументите од двете страни. Имено со цел нештата, што би рекол покојниот Младенов, да станат појасни…

Во тоа име, драги пријатели, јас ја прифатив поканата да гостувам во емисијата „Јади бурек“ на Јанко Илковски (среда, 20 часот), емисија во која од „традиционалните“ гости на Јанко (Латас, Миленко и компанија) и од неговата верна публика, сум бил навредуван и плукан неброено пати. Време е да ги закопаме „воените секири“ и пред јавноста спокојно да ги соочиме аргументите. Секој своите. Па народот нека одлучи, кога ќе дојде време за тоа.

Затоа, мислам дека и власта и СДСМ треба одлучно и јавно да се оградат од правењето црни листи на противници на Договорот. Нека не нè замајуваат со тврдењата дека тоа се инциденти на „таму некои“ кои со нив немаат врска. Тоа оправдување одамна не пали. Сите веќе научија како кај нас одат тие работи…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...