Премиерот Зоран Заев утре се очекува да почне разговори со пратениците, после кои треба да биде јасно дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници кои ќе гласаат за уставни измени според договорот со Грција кои предвидуваат и промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија.
Ако пак, не успее планот преку собраниска процедура да се направат уставните измени, тогаш како што најави премиерот Заев, синоќа по завршување на граѓанското изјаснување, ќе се оди на предвремени парламентарни избори, кои би се одржале во ноември.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски за Плусинфо вели дека ако падне одлука за предвремени избори, тогаш Собранието ќе треба да се распушти наредната среда, на 10 октомври за да можат изборите да се одржат на 25 ноември. Во спротивно, вели Мисовски, нема да може да се испочитуваат роковите за заокружување на целиот процес во двете земји кој треба да заврши во март идната година.
– Прво треба да почекаме ДИК да ги соопшти официјалните резултати од референдумското гласање, а потоа да почнат средби со пратениците кои се надевам дека ќе завршат до крајот на неделава, за да може на почетокот на идната недела да се прецизираат следните чекори. Ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени, тогаш нема друг начин освен да влеземе во сценариото за предвремени парламентарни избори. Сепак, се надевам дека пратениците од опозицијата во овие клучни моменти за државата ќе покажат зрелост и демократски капацитет и дека сепак ќе дадат поддршка за да може процесот да продолжи – вели Мисовски.
Познавачите на приликите, велат дека не е невозможна мисија, ако се има предвид дека Коалицијата сега брои 71 пратеник, да се достаса бројката од 80 пратеници кои би кренале два прста за промени на уставното име .
Оптимизмот дека референдумските 609.813 гласа „За“ европска Македонија ќе добијат двотретинска поддршка во парламентот ја темелат на претходно изнесени ставови на тројцата пратеници од Социјалистичката партија, но и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Се шпекулира дека пет пратеници од партијата на Христијан Мицкоски би можеле да гласаат за уставните измени. Двајца од нив, како што велат нашите извори, со вчерашното гласање јасно покажале дека не робуваат на тајниот бојкот на партијата, и покрај тоа што гласале против, сепак би можеле во Собранието да дадат поддршка за евроатлантската иднина на земјата, што не се коси со ставот на ВМРО-ДПМНЕ за влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ, иако не го поддржуваат преспанскиот договор.
Партиски извори во опозицијата, пак, велат, дека ваквите математики се зготвени во кујната на СДСМ и дека се само јалов обид да ѝ се наштети на пратеничката група и, како што велат, да се дефокусира вниманието од темата број еден во моментов дека референдумското прашање за промена на името не помина кај македонските граѓани.
Овој став во партијата на Мицкоски го бранат со фактот што неодамна го потврдија, како што велат, повеќе од 20 народни избраници кога јавно објавија дека нема да гласаат за ревизија на уставот. Против какви било промени во Уставот се огласија пратениците Васил Пишев, Влатко Ѓорчев, Дафина Стојановска, Зоран Илиоски, Емилија Александрова, Трајко Велјановски и други.
Наши извори, пак, не ја исклучуваат можноста дека и покрај јавно декларираниот став, можно е да се случи пратеници од опозицијата по разговорите со Заев да дадат поддршка на промените.
Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на директно прашање на Плусинфо дали ќе гласа за уставните измени, беше категоричен дека по ниту една цена, нема да го смени ставот, ниту ќе поддржи пост референдумски договори, зашто смета дека власта сака да ја изигра волјата на граѓаните.
На пратеникот Данев, вчера на социјалните мрежи му беше залепена етикетата „предавник“, откако се прошири веста дека излегол да гласа, но за Плусинфо вели дека станува збор за неаргументирани обвинувања.
– Од првиот ден бев еден од најголемите критичари на спогодбата од Нивици, еден од прво потпишаните подносители на кривична пријава за велепредавство против Заев и Димитров и бев убеден дека само граѓаните се тие кои треба да се произнесат околу спогодбата, а не ние како пратеници во Собранието – вели Данев и додава дека тој верува дека граѓаните секогаш носат правилна одлука, како што впрочем и се потврди на референдумот без цензус.
На Фејсбук вчера полошо од Данев помина пратеничката Даниела Рангелова, откако го спушти гласачкото ливче во референдумската кутија.
– Нема да гласам за уставни измени – категорична е пратеничката и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, во изјава за Плусинфо откако на социјалните мрежи по вчерашното гласање на референдумот и покрај тоа што гласаше „против“ предизвика бура од негативни реакции од бојкотирачите и шпекулации дека токму Рангелова заедно со уште неколку нејзини сопартијци би можеле да му помогнат на Заев во математиките за двотретинско мнозинство за уставни измени.
– Мојот став е дека прашањето на името е надпартиско и за него и за судбината на земјата треба да одучуваат граѓаните, а не партиите или пратениците. И токму затоа излегов и гласав „против“, ќе бев посреќна ако бројката на граѓаните кои се против промена на името беше поголема, наместо 40.000 граѓани, иако се претпоставува дека тие што не излегоа на гласање се против. Овој став јас го имав и пред референдумот, отворено го кажав и на седница на Извршниот комитет, настрана што партијата повика секој да постапи според свое лично убедување. Уште пред референдумот јасно беше како ќе гласам – вели Рангелова која реакциите и навредите на социјалните мрежи смета дека се поттикнати од платеници кои одработуваат за нечесни цели.
Рангелова тврди дека досега немала никакви ниту закани, ниту притисоци од било кого од власта во врска со нејзиното изјаснување за уставните измени во Собранието. На прашање на Плусинфо, да ја коментира нејзината наводна инволвираност во настаните во општина Центар, за што се води судска постапка, таа вели дека нема поврзаност со тие настани и дека никој нема да може да влијае да го смени својот став против промена на Уставот или пак да прави пазар со тоа.
Освен двајцата пратеници што излегоа на гласање, во барабанот за поддршка, како што се шпекулира би можеле да влезат уште двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од кои едниот е инволвиран во судски процес и кој таквиот багаж, е можно да проба да го растовари во пазарот со премирот Заев.
И вицепремиерката Радмила Шекеринска денеска на прес конференција најави дека во текот на оваа недела ќе се одржуваат средби со сите политички фактори со цел да се направи проценка дали постои можност за обезбедување двотретинско мнозинство.
– Со мнозински изразената волја за европска Македонија пратениците во Република Македонија немаат друга опција, освен да ги следат гласовите на мнозинството со цел државата да го забрза членството во НАТО и ЕУ – рече Шекеринска.