Спремни се маските за Струмичкиот карневал

115

Oсумте карневалски денови во Струмица почнуваат на 6 март со предавањето на клучот на градот од страна на градоначалникот на карневалистите и подигнувањето на знамињата на државата, ЕУ, FECC и карневалското знаме.

На Интернационалната карневалска вечер, која ќе се одржи на 9 март (сабота) ќе учествуваат околу две илјади карневалисти од земјава и странство.

– Ќе имаме 45 карневалски групи од земјава и од странство. Имаме учесници од Германија со две групи, Турција, Бугарија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Од нашата држава имаме пријавено учесници од Струга, Кавадарци, Пробиштип, Куманово и Ратево (Беровско), како и групите од Струмица – рече претседателот на Организацискиот одбор, Александар Цицимов.

И годинава струмичани и бројните гости од земјава и странство ќе присуствуваат на уште едно блескаво издание на Струмичкиот карневал, а се надева дека и временските услови ќе бидат сојузник на карневалистите.

По предавањето на клучевите од градот на карневалистите на 6 март, наредниот ден ќе бидат објавени резулатите од конкурсот на тема карневал што го организира струмичката библиотека, потоа изложба на фотографии од ланскиот карневал и традиционалниот концерт под маски на учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица.

Со традиционалниот маскенбал (8 март) и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка (9 март) на Интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.

Карневалските празнувања годинава продолжуваат со Детскиот карневал на Прочка, на 10 март на плоштадот во Струмица, а на 11 е Чист понеделник, кога традиционално се вари и се консумира бел грав. Истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.

Традиционалното карневалско корзо, посетата на домовите на армасаните (верените) девојки, како и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 12 март.

Карневалските празнувања завршуваат на 13 март со одбележувањето на тримерските обичаи и враќањето на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...