Справување со опозицијата

452

Во претходната моја колумна „Партијата ДПМНЕ е штетна за Македонија„  најавив дека во следната, сегашната, колумна ќе дадам одговор, подобро кажано решение како Владата на премиерот Зоран Заев да се справи со ненормалното однесување на опозицијата.

По мое мислење опозицијата партијата ДПМНЕ ќе продолжи со силни опструкции во работата на Парламентот, со уцени за донесување на реформските закони посебно кога ќе се зголемува бројот на донесени пресуди по предметите од СЈО, ќе продолжат со своите смешни критики за се’, буквално се’ што работи власта без  оглед на тоа какви одлуки донела Владата или закони Парламентот. По мое длабоко убедување, опозицијата ќе продолжи со протести кои ќе се зачестат во иднина од причина што ДПМНЕ верува дека протестите  се најдоброто  средство  за предвремени парламентарни избори.

Критиките  од опозицијата упатени до Владата  никогаш немаат аргументи, тие се бесмислени за здрав разум, но не и за партијата ДПМНЕ. Тоа е повеќе критизерство отколку критика. Поради ова, Владата на СДСМ било каква упатена критика од опозицијата та треба комплетно да се игнорира, без да се дават било какви деманти. Деманти не се потребни еве зошто. Кога нешто се демантира, обично јавноста очекува да се брани секој спрема кого е упатена критиката, по она народната „кај што дими нешто има„. Друга работа, доколку Владата на СДСМ даде најиздржан демант, за членовите на ДПНЕ тоа ништо не значи, тие веруваат исклучиво на нивните лажни критики. Јавноста, без опозицијата, и’ верува на Владата на СДСМ и на неа не се потребни деманти на критизерството од опозицијата.

Втората работа што треба да се активира, тоа е забрзување на судските постапки за сите предмети на СЈО што се во постапка или ќе бидат, без никаков исклучок. Спрема мене, доколку тоа не е направено до сега предметите на СЈО треба поново да се распоредат  на судии што не се огрешиле во досегашната работа, посебно за предметите на СЈО.

Јавноста со право очекува  да има разрешница за сите предмети покренати од СЈО, па доколку биде разочарана значи крај на правната држава. Тука не треба да има отстапки! Што се однесува до реформите во правосудниот систем каде се бара две третинско мнозинство, каде што треба да гласа и опозицијата, треба да се чека подобри времиња, ако дојдат, а за оние закони каде тоа не се бара тоа треба да се донесе одма, доколку досега не биле донесени. Сите работи треба да се вршат брзо, професионално и секако законски. Ова ука бука што се покрена за важење на аболицијата треба на почетокот во корен да се пресече, без јавна расправа за нешто што само на обвинетите им е потребна, па нивните адвокати дават толкувања како да се некои експерти по право. Се знае зошто Грците не ги екстрадираа разузнавачите, тие останаа во Грција поради оддавање на државни тајни, а аболицијата е изговор за тоа.

Наредно поле на кое треба да се делува е  деполитизирање на јавната администрација од затечени кадри на ДПМНЕ. Во јавната администрација има многу затечени вработени и раководни кадри членови на ДПМНЕ. Раководните кадри затечени од ДПМНЕ треба сите до еден да се отстранат од јавната администрација, тоа треба да се направи одма. Се сеќавате на ДПМНЕ кога дојде на власт за еден ден смени 3.000 раководни кадри на СДСМ, тоа треба да го направи и СДСМ.

Сега во јавната администрација, заедно со образованието и здравството, се вработени околу 130.000 луѓе, па треба да се направат повеќе работи, почнувајќи од дигитализацијата до преиспитување на организационата поставеност на јавната администрација. Ова е широка тема и бара посебен осврт, што не е тема на денешната колумна. Зборот ми беше, раководните кадри во јавната администрација затечени членови на ДПМНЕ веднаш треба да се отстранат, тие се најопасните елементи за рушење на оваа влада.

Економијата е посебен сектор на кој треба да се поклони многу внимание. Доколку народот не почувствува подобрување на животниот стандард, егзистенцијална сигурност и чувство дека економијата иде на добро, се’ друго е помалку битно. Ова е и најтешката работа што Владата на СДСМ треба да го решава. Тука има две опции, првата ако почнат преговорите со ЕУ и втора опција ако тоа не се случи. Досегашните напори на премиерот Заев и неговата влада за решавање на прашањето со името, на кои им се гледа крајот, е најдобар ата работа што ја направил, феноменално! Некој ќе рече дека со  почнување на преговорите со ЕУ не значи дека одиме во рајот, тоа е точно но без тоа сигурно остануваме во пеколот. Втората опција доколку не почнат преговорите со ЕУ, во таков случај ќе биде многу тешко, но не и невозможно.

И при двете опции, Владата на Заев треба да ја развива  економијата. Македонија се наоѓа во една многу незавидна економска состојба наследена  од претходно од владеењето на ДПНЕ. Владата на СДСМ  наследи долг („мираз„) од претходната влада од 4,7 милијарди евра, или околу 47% од БНД, со годишна враќање на главен долг со камата во износ од преку 500 милиони евра. Владата на СДСМ независно од ваквата неповолна состојба треба и понатаму да се задолжува со тоа што висината на задолжувањето треба да биде износот за отплата на долгот плус пари за покривање на дефицитот и други потреби. Македонија е слаба економија и нема сопствена акумулација за развој, па доколку се позајмува само да се враќа стар долг, тогаш дефицитот во буџетот не  може да се покрие, а за капитални инвестиции не станува ниту збор. Владата на СДСМ свесно ќе оди на понатамошни заеми од домашни и странски извори со кои покрај враќање на стари кредити треба да има слободни пари за свои потреби, посебно за покривање на дефицитот и за капитални инвестиции.

Со ваквата политика која треба да се спроведе,  после 3 години некаде во 2020 година,   Македонија ќе стане високо задолжена земја, со задолженост можеби и над 60% од БНД, но тоа мора да се направи. Друго решение не постои. Подобро е да се паметно задолжиме отколку  глупаво да пропаднеме. Доколку ова не се случи, да земеме дека Владата на СДСМ, „плашејќи се од критиките на опозицијата„, се позајмува само до висина за враќање на старите кредити, во таков случај опозицијата со право ќе избори предвремени парламентарни избори и таа може да дојде на власт од причина што народот незадоволен од економската состојба ќе гласа за нив. На Владата е да избере, идно зајмување колку треба за да се обезбеди некој одржлив развој на економијата или штедење со губење на власта.

Трета опција, доколку почнат преговорите со ЕУ, за што има можност, работите во корен се менуваат. Не е случајно што Заев во залог на својата политичка кариера целосно  се посвети на преговорите за името за да почнат преговорите со ЕУ како крајна цел и не погрешил што на ова прашање дал приоритет. Можеби многу други проблеми во државата трпеле, но се исплатило. Со отпочнување на преговорите со ЕУ се очекува дека ќе имаме поголем пристап на европските фондови, па така задолжувањето може да биде поумерено и нема да биде единствен извор за капиталните инвестиции.  Доколку ова се случи, во таков случај опозицијата  ДПМНЕ каква сака нека биде таа ќе остане долго време опозиција без никаква опасност да ја загрози Владата на СДСМ и на Зоран Заев.

 

 

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...