Специјалната болница во Јасеново – македонски Шварцвалд

Oд 1948 година кога е изградена, до 1951 година работела како Хируршка болница. Од 1951 година почнала да  работи како Специјална болница за туберколоза и тогаш  имало и над 350 пациенти од цела Македонија и дел од Србија. Само во третиот павилјон, што со години е руиниран и според тимот на болницата не може да се ревитализира, тој имал капацитет од над 100 туберколозни пациенти. Во него  имало и кино сала за кино проекции за пациентите.

4068
ФОТО: МИА

Две третини од пациентите  сe со белодробни заболувања, а една третина со срцеви. Дијагноза на болеста во специјализираните амбуланти опремени со најсовремена апаратура може да добиете за само два – три часа,  наместо во другите медицински центри  да чекате по два – три дена. На локацијата кај Болницата имате кислород колку што ви е потребно, затоа според стручњаците, но и пациентите, со право го носи епитетот воздушна бања.

Специјална Болница за белодробни заболувања  и туберколоза Јасеново е лоцирана на падините на Јасновска Планина, на 400 метри надморска височина, а од селото Извор е оддалечена само три километри и 30 километри од Велес. Изградена е  пред 70 години, во далечната 1948 година, а по долги години од работењето од 2012 до 2014 година, тогаш веќе руинираната болница целосно беше реновирана и опремена според високи европски стандарди, за што беа потрошени 130 милиони денари владини средства, преку Министерството за здравство.

По  реновирањето, болницата  има 76 легла, во три павилјони, а опремени се и  две соби за болните од туберкулоза, каде има  специјални системи за вентилација, со што овие пациенти се заштитени од  останатите пациенти.

Болницата  има и  ресторан – менза каде пациентите се хранат. При реновирањето се инсталираа сончеви колектори поради што болницата последниве години има и заштеди на струја.

Болницата има мал број персонал за бројот на пациенти, пет доктори специјалисти  и уште 20тина вработени, од кои најголем дел се медицински сестри и болничари, технички и друг кадар.

Инаку од 1948 година кога е изградена, до 1951 година работела како Хируршка болница. Од 1951 година почнала да  работи како Специјална болница за туберколоза и тогаш  имало и над 350 пациенти од цела Македонија и дел од Србија. Само во третиот павилјон, што со години е руиниран и според тимот на болницата не може да се ревитализира, тој имал капацитет од над 100 туберколозни пациенти. Во него  имало и кино сала за кино проекции наменети за пациентите.

Од 1954 година е преименувана  во Специјална болница за туберколоза, а во 1984  во Специјална болница за белодробни заболувања и туберколоза и се проширува дејноста.

Воедно кога ја посетивме од раководниот тим сме информирани  раководниот тим ,дека со надлежните се водат завршни разговори,  нејзиниот статут  и да биде преименувана во Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново.

Поради својата местоположба и локацијата во густа шума пациентите ја нарекуваат македонски Шварцвалд, бидејќи е вистинска воздушна бања.

Болницата Јасеново сум ја посетила во лето, пролет и есен, но никогаш во зима. На 25 јануари, кога по подолго пауза од неколку години повторно тргнав на пат кон болницата, во Велес врнеше ситен дожд. Но како што патував  и комбето се приближуваше кон болницата Јасеново, снегот се’ повеќе и повеќе се пластеше и ја побелуваше природата. Се’ беше бело, чисто и наликуваше  на пејсажи  од новогодишните честитки.

Вистински снежна бајка ме опкружува и чист воздух полн со идеален кислород, а како што се’ повеќе забрзувам по патеката, преку ноздрите чувствувам како кислородот ми навлегува во белите дробови и ми дава слободно да дишам.

Среќна сум, дојдов во вистинскиот  момент на вистинското место, да вдишам чист кислород кога Велес, како и повеќето градови во земјава со денови е исполнет со магла и нечист воздух од кој жителите не можат да дишат и имаат проблеми по здравјето.

Додека поминувам по уредената  патека во  прекрасно уредениот болнички двор со клупи, канделабри, фонтани, летниковци за седење и  мали пешачки мовчиња преку малата  рекичка, истовремено  се восхитувам  од прекрасната  зимска идила од високи зелени борови побелени од снег, дедека така одам, а снегот кој непрекинато паѓа, ми крцка под нозете.

Зошто болница  токму на оваа локација и зошто е воздушна бања?

Разговорот за болницата Јасеново го започнувам со првиот човек директорот д-р Зоран Матев – специјалист по интерна медицина и пулмологија, а кој во болницата работи  27 години.Тој  според постигнатите резултати, на листата на Министерството за здраство е меѓу најдобрите лекари специјалисти во земјава.

Во разговорот за МИА, потенцира дека ќе ни пренесе  дел од сознанијата зошто токму на оваа локација е изградена болницата, а според  кажувањата на постарите колегите – сега во пензија,  кои претходно работеле во неа.

-Имам информации дака имало предлози да се гради на повеќе локации: прво во реонот на Богомилско, но таму било малку повисоко и имало проблеми поради што не била направена таму. Исто така сакале да се гради и кај Демир Капија кај Корешница, Војшинци, имало можности и таму да се прави, затоа што и таму имало извориште, но не била направена..Имало размислувања да се прави и близу до Крушево на локација каде што  е Детското одмаралиште „Шула Мина“, но тоа не било на  соодветна надморска висина. На крај е одбрана оваа локација заради природните изворишта, поради геополитичката ситуација во тоа време  и бидејќи е опкружена со планини и затоа што во тие услови не можела да биде лесно бомбардирана,појаснува д-р. Матев.

Зошто е воздушна бања?

– Од Велес до селото Извор, село што е на 27 километри, и од Извор до Јасеново на само три километри има разлика во климата. Предноста на овој дел е што многу ретко или скоро воопшто да нема магла. Или ако ја има и кога се спушта од планините, тој влажен талог овде поминува за 15 до 20, а најмногу за 30 минути. Што  е многу важно има нормално и редовно струење на воздухот. Болницата во Јасеново  не е  лоцирана на голема надморска висина и тоа е предноста за лекување на белодробните болести. Ние овде сме само на 35-40 метри повисока надморска височина од Велес. Да појаснам пониската надморска вредност има предност бидејќи тука кислородот е поголем, а на повисоките надморски височини, концентрацијата на кислород е помала. Да појаснам на сите овие пациенти со срцеви болести кои имаат недостиг на кислород во организмот, како од опструктивни така и од рестриктивни моменти на белодробните заболувања, нив им е потребна поголема концентрација не’ само на чист воздух туку и пред се’ потребна им е поголема концентрација на кислород, а  што ја има токму на оваа локација каде е сместена Болницата во Јасеново,потенцира д-р Матев.

Тој појаснува дека околината на Болницата Јасеново е подеднакво убава и привлечна во зима и во пролет и лето и во есен и секогаш со специфични бои и мириси.

Брза и ефикасна дијагностика и лекување на пациентите

Воедно потенцира дека во болницата за само два – три часа се прави комплетна дијагностика на болеста, а  тоа што други медицински центри во земјава го прават за два – три дена.

Се работи на  комплетна крвна слика,  има кабинет за спирометрија со специфични испитувања на бронхит и астма, кабинет за ЕКГ, кабинет за испитување алергии, рендген кабинет, кардиолошки кабинет со холтер за крвен притисок и  холтер за срце, модерен ехо доплер.

– Ги згрижуваме пациентите со акутни и хронични неспицифични болести од белодробната патологија и специфични болести од туберколоза, имаме и комплет дијагностика во специјалистичко консултативната заштита и детектирање на пациенти кои имаат белодробна патологија. Кај пациентите кои се срцево болни се прави дијагностика на хронични срцево кардиоваскуларни болести како хипертензија, ангина пектори, саритми и миокардии, односно ние како  лекарски тим  правиме , се’ што се прави и на Клиниката за пулмологија во Скопје – потенцира директорот д-р Матев.

Воедно најавува дека со скорото преименување на Болницата од Специјална во Специјализирана болница, планира да се изгради и Центар за кардиоваскуларни болести и за рехабилитација, а што многу одамна го планирал и д-р Жан Митрев, но поради многу околности, тогаш не се реализирало.

Но како и во останатите болници и директорот д-р Зоран Матев вели дека се соочуваат со недостиг од лекари. Со него се вкупно пет лекари специјалисти, а останатите 20 тина од кои најголем дел медицински сестри, болничари и друг персонал.

Појаснува дека една од колешките за две години ќе се пензионира, а тој и  останатите  за десетина, а ако и понатаму никој не се јавува на конкурсите за лекари, предупредува до надлежните, дека  болницата ќе остане беа соодветен специјалистички кадар за кој треба и време да се создаде и обучи.

-Треба веднаш да се примат општи лекари и потоа да отидат на специјализација, да се искористи времето  додека ние поискусните специјалисти  сме се уште тука на работа на новите колеги  да можеме да  им го пренесеме нашето долгогодишно знаење  искуство  при лекувањето, потенцира д-р Матев.

Во болницата Јасеново пациенти од цела Македонија

Освен од Велес и поширокиот велешки регион, во оваа болница се лекуваат и пациенти од Скопје, Прилеп, Кавадарци, како и од Источна Македонија од Кочани,Радовиш и други градови

Во разговорот со нив, сите тие ни изјавија и потенцираа  дека се многу задоволни и од  стручноста на лекарите специјалисти и од  љубезноста и  подготвеноста на целиот персонал. Посебно се благодарни на брзото дијагностицирање на болеста и брзото и ефикасно лекување.На беспрекорното хигиена  во собите и останатите простории, како и на прекрасно уредениот и чист  двор на болницата, а  каде  може и да прошетаат и да уживаат.

Историското значење на Болницата во Јасеново

Болницата во Јасеново заслужува посебно внимание, затоа што со германски заробеници била изградена  за само три месеци, од март до јуни 1948 година, а првично била наменета  за лекување на ранетите борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ), Македонци и Грци, во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Инаку, претходно лекувањето на болните и ранетите борци,  започнал во Пониква од јуни до ноември 1947 година, па во Катлановска Бања од ноември 1947 до јули 1948 година, а од јули 1948 до есента 1949 во Болницата во Јасеново, односно до крајот на Граѓанската војна во Грција.

Низ овие болници во Македонија биле лекувани 6.316 ранети, од кои на  околу 2.500 им биле извршени хируршки интервенции, 200 оперирани починале за време на операцијата, 146 борци починале за време не транспортот, а 46 биле донесени мртви.

Во нивна чест во кругот на болницата во Јасеново на 3. март 2013 година беше откриена спомен плоча од страна на Здружението на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“и Сојузот на Македонците од Егејот Македон.

Но гробницата на починатите борци во болницата Јасеново  според пишувањата на некои медиуми, дури потоа  била  лоцирана и тоа на 19 август 2016 година, а  од страна на тогаш раководниот тим  на Болницата Јасеново, претставник  на Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и претставник на Светскиот Македонски конгрес.,а според кажувањата на поранешни вработени.

Гробницата тие ја лоцирале над пералната, меѓу старата каптажа за вода, боровата шума и старото воено игралиште.

Воедно тие при откривањето на гробницата во медиумот најавиле  дека ќе иницираат чистење на просторот каде што е гробницата, нејзино уредување во спомен парк со Паметник , а како заедничка спомен костурница на сите ранети борци на ДАГ, Македонци и Грци, кои починале во Специјалната болница во Јасеново.

Но по две и пол години од тие најави, а  при мојата посета на локацијата на гробницата немаше ништо од најавеното.

На локацијата јас не  го затекнав ни импровизираниот дрвен крст кои тие тогаш  го поставиле и фотографирале бидејќи претпоставувам  дека од забот на времето и невремето се искршил, паднал и изгнил на земјата.

На локацијата на гробницата  сепак беше само старата, нагризена од времето на заборавот рѓосаната приколка од 1948 година, во која се претпоставува  дека биле носени починатите борци  до заедничката тајна гробница во Јасеново.

Тој снежен 25 јануарски ден 2019, гробното место беше покриено со снег и белина, но при самата помисла дека тука под земјата на која  газиме  има закопано  неколку стотини, кај мене  предизвикува морници по телото, но и тага и почит кон  починатите и закопани  тука  набрзина само така  без обред и без достојно спомен обележје.

Мислењето на многумина со кои разговарав е дека  по точно  70 години од нивната смрт овие борци  треба да бидат есхумирани и како што им прилега  достојно погребани.

Инаку, според пишувањата на некои медиуми, а според  сознанијата од Светскиот македонски конгрес, посебна документација за прием и отпуст на ранети, како и на починати борци на ДАГ во Болницата во Јасеново не постои, а  затоа што болницата била организирана од УДБА на поранешна СФРЈ и Македонија, како строго чувана воена тајна.

Тие претпоставуваат дека по затворањето на болницата за воени потреби и нејзиното продолжување како цивилна болница од 1 јуни 1955 година, целокупната документација од тоа време или била уништена или била пренесена во Белград, во Државниот Архив на поранешна СФР Југославија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...