Четириесет и тројца специјализанти по стоматологија, кои приватно си го плаќаат школувањето, не го добиле ветениот паричен надоместок уште од септември годинава, иако редовно си ги исполнуваат своите работни обврски во Стоматолошкиот клинички центар.
– Си играат играчки со нас, како да сме деца. Потсетуваме на ветувањето кое ни го даде министерот за здравство, Венко Филипче, дека септемвриската плата ќе ја добиеме во октомври, а сега е 10. декември, се ближи и крај на годината, а ние не добивме ништо. Само ни дадоа картички со кои редовно се вчитуваме кога доаѓаме и си заминуваме од работа, а секој ден сме ангажирани или во прва или во втора смена, некои и во две смени, без никаков надомест – изјави денеска Милан Нацевски, специјализант на одделот за болести на уста, кој заедно со 20ина колеги излезе пред Стоматолошкиот клинички центар.
Специјализантите по стоматологија плаќаат приватно од 3.000 до 5.000 евра за специјализациите.
Од Министерството за финансии, како што појасни Нацевски, само ја префрлуваат топката на другото министерство, a постојано се јавуваме и таму, и во Фондот за здравство. Одговорите се „ние потпишавме, другото министерство е одговорно за вас“, „се прават нови списоци“, „се менуваат списоците“, но до денеска немаат конкретен одговор.
– Дополнителни трошоци имаат колеги од Куманово и Велес, кои секој ден патуваат на работа во Скопје, а еве трет месец не добиле ни денар, како и останатите. Дали некој се обиде да нè изманипулира? Ние само бараме да бидеме почитувани согласно нашиот придонес и да го добиеме тоа што ни беше ветено, а ова е протест поради неисполнување на договореното. Иако на списокот сме 43, добивме информација дека во новиот список за исплата се 40 специјализанти. Дали и во која форма ќе продолжи незадоволството доколку не добиеме надомест, ќе се договориме – додаде Нацевски.