Спасовски: Ќе немаше криза за пасоши ако Чулев не се занимаваше со неважни прашања

1366

Во владата се размислува во повеќе насоки, а деталите ќе се објават кога ќе биде извесно решението односно кога ќе има одржливо решение, изјави премиерот Оливер Спасовски за пасошката криза.

Во однос на едно од можните решенија, што вчера ги најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, државата да испрати дипломатски ноти до сите други земји за да се продолжи рокот на оние пасоши чија важност истекла и за оние кои во меѓувреме ќе им престане рокот на важење, Спасовки нагласи дека ако тоа е решение, очекувал Чулев да го достави до владата.

За Спасовски, ставот на министерот Чулев дека во владата недостасува политичка волја да се реши прашањето со пасошите, е најблаго речено, несреќна изјава што може да биде дадена.

– Остварување на тие овластувања што ги има МВР, а е дел од владата не може да стане збор за немање политичка волја – рече Спасовски.

Според него, веќе месец и пол функционира оваа влада, а само пред една недела добила информација дека има проблем со издавање на пасошите. Проблемот, истакна, е некаде на друго место, меѓутоа се бара одредено решение за кое се надева дека ќе биде најдено.

– Пред една недела беше доставена информација до владата во однос на состојбата со пасошите. Мислам дека подоброто менаџирање, начинот на функционирање внатре во институцијата, повеќе бавење со суштински работи отколку со неважни прашања, немаше да доведе до една вакна криза – изјави премиерот Спасовски.

На барање на новинарите да одговори кој е надлежен за јавните набавки во МВР, каде може да се лоцира одговорноста за пасошите, кои служби затаиле во набавката на обрасците, Спасовски одговори дека за функционирањето внатре во МВР надлежен е министерот, а секако има механизми и начини да се утврди кој има, ако има одговорност.

Спасовски на новинарите им рече дека не е благодарно тој да одговора на сите нивни прашања за обрасците за пасоши и ако бил на местото министер во МВР ќе одговорел, но сега, истакна, има министер да одговори зошто не е направена нарачката во МВР.

– Сум имал и јас такви ситуации неколку пати во целиот тој период, но немаше проблем во јавноста во делот на пасошите или во делот на издавање на други лични документи – потенцира премиерот и поранешен министер за внатрешни работи Спасовски.

Појасни дека нарачките на обрасци за патни исправи се прават секоја година врз основа на постојана анализа за фреквенцијата односно за нивното побарување и потрошеноста.

На прашање на новинарите кога тој ја има направено последната нарачка на обрасци за патни исправи, Спасовски рече дека во моментот не знае, но за тоа има документи во МВР.

Што се однесува до најавената кривична пријава за него, Спасовски нагласи дека има истражни органи и слободно нека ги проверат сите аспекти, а тој не бега од одгороност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...