Спасовски: Чулев треба да знае колкави се неговите права, решенијата се поништени бидејќи се незаконски

Апелирам одлуката на Владата да се почитува бидејќи непочитувањето е свесно кршење на законите што навлегува во друга процедура за која мора да бидат свесни сите – и министерот и раководните структури во Министерството и оние на кои се однесуваат тие решенија. Секој треба да знае колкави се неговите права, онолку колку што предвидуваат позитивните законски прописи, нагласи Спасовски.

427

Премиерот Оливер Спасовски денеска од Охрид оцени дека поништувањето на 89 решенија за вработување во Министерството за внатрешни работи е направено поради тоа што назначувањата се незаконски.

– Законот за влада точно предвидува дека министерот за внатрешни работи во овој период може да промени 15 службеници на раководни функции. Досега, министерот Наќе Чулев има извршено 14 промени, а со 89-те сега поништени решенија се извршени промени на началнички или раководни места во МВР, што е спротивно на Законот – изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека министерот за внатрешни работи има право на хоризонтални распоредувања на кадри во службата, но ни е и на промени на раководни структури.

– Апелирам одлуката на Владата да се почитува бидејќи непочитувањето е свесно кршење на законите што навлегува во друга процедура за која мора да бидат свесни сите – и министерот и раководните структури во Министерството и оние на кои се однесуваат тие решенија. Секој треба да знае колкави се неговите права, онолку колку што предвидуваат позитивните законски прописи – нагласи Спасовски.

Во однос на поставувањето на таблата со поранешното име на државата во Министерството за труд и социјална политика, Спасовски најави дека првично ќе разговара со министерката Рашела Мизрахи со цел да се запознае со фактичката состојба, а доколку увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните, ќе преземе мерки.

– Почитувањето на Уставот не е желба на било кого. Можете да искажувате ставови до донесувањето на одлуките, но во услови кога постои Устав и за негово почитување нема дебата. Сакам да поразговараме, да ги увидам фактите, но доколку не најдам на разбирање и не видам дека кај било кој министер националните и државните интереси се во прв план пред партиските интереси, секако дека ќе преземам други мерки, рече Спасовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...