Миграцијата како феномен отсекогаш била присутна и актуелна на глобално ниво, а Балканот во целина секако не е имун од оваа појава, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето Рос-Рот семинар на Парламентарното собрание на НАТО во македонското Собрание.
– Но, со оглед на масовноста, интензитетот, динамиката и начинот на кој се развиваа случувањата изминативе неколку години слободно може да се каже дека оваа појава прерасна во вистинска криза, а Западнобалканската мигрантска рута стана позната како една од главните рути за транзит кон западноевропските земји за мигрантите од Блискиот и Среден Исток, но и од други азиски и африкански земји – рече Спасовски.
Тој нагласи дека во периодот од 2015 до средината на 2016 година низ територијата на Македонија транзитираа околу 800.000 мигранти што е повеќе од една третина од вкупното население на државата, а во одредени периоди транзитираа и над 10.000 мигранти дневно. Притоа потенцирајќи дека во справување со ваквата состојба беа ангажирани целокупните национални капацитети, а начинот на кој тоа се направи од сите домашни и меѓународни фактори и партнери беше оценет како успешен.
Според Спасовски, со затворањето на таканаречената Западнобалканска рута за транзит на мигрантите, за жал не завршија и предизвиците на ова поле, особено во обидите за нејзино оживување, но овој пат на илегален начин – мигрантите се уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчари да транзитираат низ Македонија кон север и понатаму кон своите крајни дестинации.
Во последниот период регистрирана е и тенденција на зголемување на бројот на обиди за илегален влез од Република Грција во Република Македонија – односно, како што потенцираше Спасовски, ако во текот на 2017 година беа спречени 3.220 обиди за илегален влез на јужната граница, само во првите 5 месеци од оваа година веќе се спречени 3.150 такви обиди.
– Токму сузбивањето на оваа појава е една од нашите приоритети.
Во таа насока, од неодамна е формирана Национална единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која официјално започна со работа во март годинава. Со неа раководи Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во нејзиниот состав учествуваат приближно 50 претставници од сите релевантни организациони единици во Министерството за внатрешни работи, како постојани членови и контакт лица – истакна Спасовски.
Тој додаде дека и покрај тие трендови, безбедносната состојба на државните граници во моментов генерално е поволна. Спасовски нагласи дека заради одржување на таквата состојба, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив се преземаат низа мерки и активности – Продолжено е времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот. Заедничката операција на јужната граница во чии рамки на македонско – грчката граница се распоредени и странски полициски службеници од осум европски држави континуирано се реализира од декември 2015 година.
– За одбележување е претстојното потпишување на Договор за статус меѓу ЕУ и Република Македонија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во Република Македонија. Договорот, чиј текст веќе е усогласен, ќе овозможи распоредување на сили на Frontex доколку се укаже потреба од тоа. Паралелно со овие активности, се работеше и на изготвување на нов Закон за странци и Закон за меѓународна и привремена заштита, кои се веќе усвоени. Со овие законски решенија Македонија не само што континуирано го усогласува националното со европското законодавство преку креирање на законски решенија кои содржат европски стандарди во управувањето со миграцијата, туку и отстрани дел од постоечките празнини и слабости воочени во текот на справувањето со мигрантскиот бран – рече Спасовски.
Министерот истакна дека нашите институции се свесни за фактот дека илегалната миграција, претставува глобален проблем, динамичен и со тенденција на брзи промени на трендовите, и појава која зависи од многу надворешни фактори на која државите, а особено Република Македонија немаат големо внимание.
Токму поради тоа, според Спасовски колку и да се добро испланирани и имплементирани, ниту една мерка или активност долгорочно нема да бидат доволни за успешно справување доколку останат во национални рамки, односно доколку не се дел од еден поширок и координиран одговор на сите засегнати земји од регионот, па и пошироко.