Министерството за внатрешни работи ќе го третира случајот со пратеникот Павле Богоевски како и секој друг счучај за кој е покрената истрага, затоа што, пред сѐ, сите сме граѓани на оваа држава, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
– Без разлика дали некој носи некаква функција или не, тоа не е никаква предност за него, туку напротив, тој само има поголема одговорност. Затоа ниту јас, ниту колегите од МВР немаме никаква причина да не постапуваме за овој случај на начин како и за сите други случаи. Се работи за настан кој е во истрага, но и јавноста знае дека не станува збор за разговор што бил прислушуван од страна на институциите, туку бил сниман со мобилен телефон или друг уред. Добро е сето тоа да се расчисти затоа што сакаме да застанеме на патот на злоупотребата на снимањето и нарушувањето на приватноста на кој било човек. Што се однесува до сличниот случај во Прилеп, со прислушуваните разговори, истрагата е при крај и деновиве очекувам да биде поднесена кривична пријава – истакна Спасовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за можни кадровски смени во МВР, министерот рече дека промените во службата е започната уште од неговото доаѓање и тие ќе продолжат. Според Спасовски, секој вработен кој не дава задоволителни резултати ќе биде подложен на промена, без разлика дали се работи за службеници во Министерството или пак во секторите за внатрешни работи и во полициските станици, а главна цел, рече тој, е да се отстранат оние кои го рушат интегритетот на МВР.