Спасовски: Правеа јамки од каблите од камерите и ги фрлаа кон нас

Речиси и да немаше пратеник кој не е повреден. На Љупчо Николовски му висеше парче од кожата на главата. Еден од луѓето кои стоеја да не бранат со Влатко Ѓорчев даде дел од маицата и рече: „Јас сум патриот, нема да дозволиме да умре ниеден Македонец“. Дел од таа маица му ја дадов на Николовски, сведочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кривичниот суд во Скопје на судењето за 27 април. 

759
Речиси и да немаше пратеник кој не е повреден. На Љупчо Николовски му висеше парче од кожата на главата. Еден од луѓето кои стоеја да не бранат со Влатко Ѓорчев даде дел од маицата и рече: „Јас сум патриот, нема да дозволиме да умре ниеден Македонец“. Дел од таа маица му ја дадов на Николовски, сведочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кривичниот суд во Скопје на судењето за 27 април. 
„Тебе кумановец ќе те убиеме”, „Го заклавме Села, сега си на ред ти Заев”, биле дел од заканите кои ги слушнал Спасовски таа вечер во прес-салата во Собранието.
Тој кажуваше кого видел и препознал на „крвавиот четврток“, а од обвинетите го спомена Игор Југ за кого рече дека се држел позади најверојатно зошто носел пиштол.
Спасовски рече дека бил вчудовиден бидејќи полицијата не реагирала, а гледала што се случува. Кога ги прашувале им одговарале дека не реагираат зашто немале наредба.
– Ги вадеа каблите од камерите, правеа јамки и ги фрлаа. Едната беше фрлена кон Заев но не успеаа да го фатат. Едната што беше фрлена ја фатив јас со рака, помогнаа уште неколку колеги, ја одземавме и ја фрливме под нозе за да не може да ја употребат пак… Во еден момент се изгаси светлото во салата и си реков – ова е моментот кога ќе делуваат со оружјето. Меѓутоа тоа не се случи – се сеќаваше Спасовски на деталите.
Тој зборуваше за тоа како и со што ги напаѓале, каде и како биле повредени и други детали, како и моментите на првите реакции од полицијата. По евакуацијата од прес- салата тие отишле во друга просторија каде една од новинарките кажала дека Ѓорге Иванов има закажано прес-конференција.
– По коментарот дека Иванов ќе има прес-конференција еден тие што влегоа рече: „сега Иванов ќе прогласи воена состојба сите ќе ве уапсиме”. Јас му одговорив дека бевме подготвени да не изнесат во мртовечки ковчези – раскажуваше министерот.
Крајната точка на евакуација била касарната во Ѓорче Петров каде им понудиле да отидат на преглед во Клиничкиот центар, но Спасовски рече дека не сакале да одат.
– Ако можеа во Собрание да влезат, таму сигурно немаше да бидеме заштитени – рече тој.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...