Како што соопшти МВР, на денешната средба министрите Спасовски и Хамачек ја потенцирале добрата соработка меѓу двете држави. Спасовски се заблагодарил на Чешката Република и Министерството за внатрешни работи за несебичната поддршка и помош за македонската полиција во справувањето со миграциската криза која, како што нагласил, е еден од најголемите предизвици за Република Македонија, со кој можевме да се справиме само преку заемна соработка меѓу државите од регионот, поткрепена со силната поддршка на државите од Вишеградската група и Европската Унија.
„Чешка помогна преку доделени донации за справување со последиците од миграциската криза, како и за зголемување на капацитетите на македонската полиција, но и со присуство на контингентите на чешките полициски службеници на нашата јужна граница“, се наведува во соопштението на МВР.