Спасовски открива дека Боркица им овозможила да влезат во станот, но не и дали им кажала кога Груевски заминал

3774

Сопругата на Никола Груевски вчера ни овозможи да влезезме и да го пребараме станот, но Груевски не беше дома, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Само вистина“ на Канал 5.

Тој одби да сподели дали со Боркица е разговарано кога и каде Груевски заминал.

Министерот посочи дека изутрината биле и на локација каде живее неговата мајка, за да видат дали може и таму да се наоѓа Груевски.

– Извршена е и проверката таму, мајка му била тука, значи и таа како член на семејството не е замината со него. Се прават микро и макро планови во делот на постапувањето на Одделот за потраги. Ние тоа вчера го направивме, ги мапиравме микро локациите каде може да се наоѓа Никола Груевски, се знае макро локациите излезите на главниот град, границите, излезите на Република Македонија и врз основа на тоа се постапува оперативно во таа криминалистичка постапка – истакна Спасовски.

Тој повтори дека околу 16 часот, од неговиот колега во Унгарија му е потврдено дека поранешниот премиер, Никола Груевски е во Унгарија.

Спасовски рече дека е изненаден од постапките на судот, иако вели не сака да ги коментира, но според него, ако Груевски бил во притвор немало ова да се случи.

– Сериозно мора да се посветат на овие процеси од судот и обвинителството – изјави Спасовски.

Како се случило бегството, Спасовски рече дека не можат да споделат со јавноста засега. Но, додаде дека на ниту еден премин нема поминато лицето Никола Груевски. Според него, тоа укажува дека поминал на илегални премини.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...