Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека новогодишната ноќ поминала без ниту еден безбедносен ризик и со достоинствено празнување од страна на граѓаните. Тој оцени дека припадниците на МВР, како и досега, професионално ги извршувале работите за да има успешна и безбедна новогодишна ноќ.
– Благодарам до сите македонски полицајци кои беа на работни места додека ние прославуваме чекајќи ја 2020 година. Задоволство е големо затоа што практично и да нема безбедносни ризици во новогодишната ноќ. Тоа е за честитање и за граѓаните затоа што сите заедно достоинствено и без нарушување на јавен ред и мир и беше помината новогодишната ноќ, изјави министерот Спасовски.
Иако имаше голема прослава на градскиот плоштад во Скопје, немало поголем проблем. Ниту билтените во помалите градови не бележат поголеми инциденти.
– Во билтенот на СВР Скопје ноќеска има регистрирано само два настани и тоа пред почетокот на забавата. Иако имаше голема прослава без никакви инициденти помина. Имаме неколку настани во делот на сообрќајните несреќи, кои за среќа се без жртви со незначителна штета или повредени. Други настани и во другите сектори кои биле поголем безбедносни проблеми или ризици нема забележано. Безбедноста е на едно високо ниво, рече Спасовски.