Петнаесет случаи за напади врз новинари се сѐ уште не расчистени, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес конференција.
– Во последните неколку години имавме бројни напади на новинари. МВР направи анализа за да се утврди на кое ниво се истрагите досега. Се утврди дека во одредени постапки пропуштени се дејствија кои требало да бидат направени во краток рок, во некои постапки недостасуваат докази. Од 2013 до јуни 2017 до МВР се поднесени 47 пријави кои се однесуваат на физички напад на новинари или говор на омраза. Во Скопје се 29, во Охрид 14, две во Струмица, и во Штип и во Битола по еден – рече Спасовски.
Во периодот од 2017 до денес до МВР се поднесени 12 пријави за напади врз новинари, од кои пет се во Охрид, четири се во Скопје, два во Велес и еден во Штип.
– Постапувано е во сите случаи и за две лица веќе се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела насилство и загрозување на сигурноста, во три случаи се покренати прекршочни постапки против шест лица за констатирани три прекршоци – рече Спасовски.
Тој истакна дека сега заживува функционирањето на внатрешната контрола на МВР, која претходно прогледувала низ прсти.
– Апелирам до нови и до граѓани сѐ што имаат како објективен напад, како омаловажување или навреда да го пријават во полиција на 192 каде сѐ се снима и има траг. Не се пријавува на Фејсбук – рече Спасовски.
Министерот за транспарентност Роберт Поповски потсети дека ќе има нула толеранција за загрозување на слободата на изразување.
– Нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на изразување. Секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро санкциониран – порача Поповски.