Лаги и дезинформации се приказните кои се шират за случаите со исчезнување на граѓани, тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, апелирајќи да не се шири паника и лажни вести бидејќи така не се помага на никој начин во истрагата, ниту на семејствата.
– Ниту има случаи на киднапирање ниту пак на лицата кои си го одземаа животот во последните неколку случаи им недостасуваат органи. Во Северна Македонија нема случаи на вадење органи. Граѓаните да не наседнуваат на ваквите лаги – рече Спасовски кој денеска одржа прес-конференција на оваа тема.
Тој кажа и дека апсолутно се неточни информациите дека расте бројот на исчезнати лица, а за тоа посочи и статистички пример дека во 2017 година бројот на пријавени исчезнати лица изнесувал 370, а во 2015 бил 574.
– Денес МВР е транспарентна институција за разлика од претходниот период кога се криеја дури и убиства. Редовно објавуваме во билтените сѐ што се случува. Секој граѓанин може секогаш да ја провери и верификува информацијата која се лиферува во јавноста. Апелираме до граѓаните да ги проверуваат информациите од официјални извори – рече министерот.
На оние кои шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи, Спасовски им порача дека со ништо не помагаат и апелираше граѓаните да не излегуваат лесно со статуси на Фејсбук и Твитер налози.
Тој не сакаше да коментира многу за тоа кои стои зад ширењето на дезинформациите, но кажа дека најчесто тоа се прави од политички побуди.
– Очигледно е дека во тоа учествува некоја структура на луѓе која пласира лажни информации. Најчесто се од политички побуди, можеби и од некакви други интереси кои се во делот на пласирањето информации. Јас кажав и пред неколку дека е многу лесно да седнете пред компјутер и да напишете било што со тоа што во јавноста ќе кренете паника. За последниот случај поранешен вработен во МВР, поранешен началник, имаше статус со тотална измислица и лага на тој начин се добиваат информациите кои ги пласираат дел од новинарите и порталите – рече Спасовски.
Протоколот за пријавување на исчезнати лица е јасен, рокот е 24 часа, но министерот тврди дека полицијата секогаш постапува веднаш по добивање на пријавата без разлика на формалниот рок.
Тој излезе и со низа препораки до граѓаните порачувајќи дека ако исчезне некој прво да се контактира МВР односно најблиската полициска станица, а потоа и сите други лица кои контактираат и може да имаат информации со исчезнатиот.
– Соработувајте со полицијата, дајте информации. Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице. Не сокривајте информации од полицијата, обезбедете фотографија и дозволете полицијата да ја сподели со јавноста. Обратете се на најблиската станица – порача Спасовски.
За лицата со здравствени проблеми апелираше да се води грижа, да се не оставаат сами.
Додека проактивно, како што рече тој, даваат препораки, од друга страна активно ги водат истрагите и за тоа го информираат семејството, но не може тоа да го прават преку медиумите.