Спасовски нема да го предложи Ковачки за министер

Проценките во владејачката партија се дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ полковник да биде министер за внатрешни работи е политички маневар, со цел СДСМ да стави во ситуација да мора да го одбие како противуставен, а потоа да се протурка друго решение

3413

Шансите СДСМ да го прифати првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи се безмалку еднакви на нула, тврдат извори од владејачката партија, пред истекот на последните три дена до датумот што е определен за избор на техничката влада пред одржување на изборите на 12 април.

Предлозите за нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како што велат од СДСМ, во Собранието, всушност, треба да ги достави Оливер Спасовски, откако претседателот Стево Пендаровски ќе му го даде мандатот за формирање на техничката влада. Според тоа, речиси извесно е дека Ковачки нема да биде на тој список. Од СДСМ очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да предложи друго име за министер за внатрешни работи, кое нема да биде во спротивност со Уставот. Деновиве го чекаат и предлогот за министер за труд и социјална политика. Предлозите за дополнителни заменик-министри, пак, Спасовски би требало да ги достави до парламентот откако ќе биде избран за премиер, што се очекува да се реализира на 4 јануари.

Проценките во владејачката партија се дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ полковникот Ковачки да биде министер за внатрешни работи е маневар, со цел СДСМ да се стави во ситуација да мора да го одбие како противуставен, а потоа да се протурка друго решение. Висок функционер на СДСМ вели дека не може да се повлекува паралела со изборот на Силјан Аврамовски и на Митко Чавков за шефови на полицијата, затоа што тие, иако беа луѓе на раководни позиции во МВР, сепак, не се униформирани лица. Од владејачката партија, исто така, посочуваат дека за разлика од Ковачки, кој е човек од Армијата, тие во 2016 година, како опозиционери, за министер за внатрешни работи предложија изворно партиско решение. Тоа беше Спасовски, кој во тоа време беше генерален-секретар на СДСМ, а сега треба да ја предводи втората техничка предизборна влада, која како концепт произлезе од Пржинскиот договор.

Високи извори од СДСМ велат дека курцшлусот што настана околу првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи, не го доведува во прашање одржувањето на изборите на 12 април.

Според членот 97 од Уставот, „со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.)

Членот 44 од Законот за влада, пак, прдвидува дека „министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието“. За владејачката ДУИ, не е спорно Ковачки да биде министер за внатрешни работи до изборите на 12 април. Потоа, пак, до изборот на новата влада, со овој ресор би раководел сегашниот заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу од редовите на ДУИ, кој беше во таква позиција и по изборите во декември 2016 година.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...