Оливер Спасовски, најверојатно, ќе биде претседател на техничката влада, откако сегашниот премиер Зоран Заев ќе поднесе оставка, што, според најавите, треба да се реализира до 3 јануари.
Во техничката влада, според првичните информации од вечерашното заседание на Извршниот одбор на СДСМ, би останала и досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, но како вицепремиерка, со оглед на најавите на Кочо Анѓушев дека се повлекува од потпретседателското место за економски прашања. Сепак, прашање е како ќе се изведе оваа рокада, со оглед на тоа што со законите за избори и за влада, во делот на т.н. Пржинска влада, е уредено само пополнувањето на функциите технички премиер, министри и дополнителни заменик-министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителни министри во финансии, земјоделство и во информатичко општество.
Дополнителните заменик-министерски места во внатрешни работи и во труд и социјална политика, каде што за министри ќе дојадат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ планира да ги пополни со луѓе одвнатре. Односно, шефиците на кабинетите на актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ, ќе бидат дополнителни заменик-министерки во техничката влада.
Овие решенија, според информациите, биле разгледувани на седницата на Извршниот одбор, кој заседаваше пред Централниот одбор, кој треба да ги донесе конечните одлуки и чија седница е во тек.
Заев изјави денеска дека неговата оставка е подготвена и чека само на потпис. Рече и дека има фаворит за технички премиер, но дека нема да го кажува неговото име пред предлогот вечерва да помине низ партиските тела. Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се сретнат утре за да разговараат за кадровските решенија за новата техничка влада.
Заев денеска изрази задоволство од најавите дека парламентот до Нова година ќе ги донесе сите закони кои стапуваат на сила од 1 јануари. Нагласи дека ако пратениците си стојат на зборот нема да има потреба од одложување на изборите.
-На 3 јануари јас ќе ја поднесам мојата оставка и верувам дека истиот ден ќе може да се даде мандатот на новиот претседател на владата за да може истиот ден да се избере и да ги запазиме роковите. Оставката е подготвена чека на потпишување – рече Заев.
За утрешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека таа е на барање на Мицкоски, бидејќи тоа е согласно со Законот за Влада.