Македонскиот јазик, го поставивме на еднакво рамниште со другите јазици во Европа и во светот, рече премиерот Оливер Спасовски на вечерашната свеченост по повод 75 годишнината од одржувањето на првиот наставен час на современ македонски јазик кој во 1945 година се одржал во битолската гимназија.
Во своето обраќање пред аудиториумот, наставниците и учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, Спасовски порача дека треба да се овозможи и други познавачи да го употребуваат и афирмираат македонскиот јазик во европските и светските институции.
– Ова посебно го нагласувам, ако се имаат предвид очекувањата за исчекор во нашите европски перспективи и за потребата од службена употреба на македонскиот јазик во институциите на Европската Унија. Новиот Предлог закон за употребата на македонскиот јазик предвидува, меѓу другото, вработување лектори со завршен македонски јазик, во сите државни и јавни институции во држава, во сите субјекти во државниот и приватниот сектор во земјава, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство. Тоа е планирано преку обновување на некогашни лекторати, но и со отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научни установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои што се изучувал македонскиот јазик, но и во други каде што ќе се изучува во иднина – истакна премиерот Спасовски.
Првиот човек во македонската Влада потсети дека со формирањето на Совет за македонски јазик при Владата, јасно е покажана владината определба и заложба да се унапредува употребата на македонскиот јазик.
– Во измените на законот е содржан и предлог македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при нашите амбасади во странство, според изразениот интерес на Македонците во дијаспората. Во таа насока секој придонес е важен. Затоа апелирам до вас, генерацијата која што денеска го слави празникот – 75 години настава на македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“, да продолжите да го чествувате овој голем јубилеј, и да го давате сопствениот придонес за афирмација на македонскиот јазик како наша татковина, како аманети на Мисирков, Конески, и сите други во плејадата наши истакнати личности кои го реализирале сонот за достојно место на македонскиот јазик на мапата на светските јазици – рече Спасовски.
На свеченоста посветена на заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на македонскиот јазик говореше и градоначалничката Наташа Петровска и таа потсети на зборовите на Свети Климент Охридски – чувајте го тоа што ви го оставив, а најсвето според Петровска е чувањето на македонскиот јазик.
– Мислата на Свети Климент Охридски на една ваква свеченост добива уште поголема длабочина и суштина. Чувањето на македонскиот јазик значи и секојдневно поддржување за духовни вредности и што ќе не прави уште погорди во иднина – рече меѓудругото Петровска.
Во знак на благодарност за поддршка на гимназијата „Јосип Броз Тито“, директорката Фанија Наумовска на компании, здруженија и поединци им врачи посебни благодарници, а ученици од гимназијата изведоа уметничка програма со извадоци од дела на македонски писатели.