Спасовски-Клуге: Ги применивме препораките на СЗО, со цел пресекување на патот на вирусот

Нагласена е посветеноста кон здрави работници, кои на тој начин можат да бидат продуктивни и во економијата. Заеднички е изразена определба кон развивањето култура на здравје и здрав начин на живот, кон што нашата држава е подготвена да работи заедно со СЗО, соопштија од Владата.

87
Ситуацијата со коронавирусот во светот и во земјава и механизмите за заштита што ги преземаат државите, како и за реформите во здравството, со цел здрави граѓани, биле темите на кои на денешната средна разговарале премиерот Оливер Спасовски и Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа.

Притоа, како што соопшти владината прес-служба, оценето било дека нашата држава, во однос на ситуацијата со Корона вирусот, покажала висока подготвеност во примената на препораките на СЗО во делот на превентивата и во реакциите за заштита, како и оти е успешен пример како треба да се постапува и за други земји.

На средбата биле споделени најновите информации околу ситуацијата со Корона вирусот и биле констатирани како важни навремената информираност на граѓаните за мерките за самозаштита, доследно следење на препораките на СЗО од страна на надлежните државни институции и преземањето навремени мерки за изолација на потенцијални случаи што нашата држава го прави.

– Ги презедовме сите потребни мерки, според препораките на СЗО и сите други мерки за коишто проценивме дека се потребни, со цел пресекување на патот на вирусот. Бевме свесни за можноста за појава на вирусот и во нашата држава и поради тоа ги направивме потребните подготовки. Кризниот штаб, формиран за справување со Корона вирусот, посветено ги следи новите информации и е подготвен да ги даде навреме потребните насоки за реакција – посочил премиерот Спасовски.

На средбата се разговарало и за важните реформи за здравствениот систем, при што заеднички била посочена важноста од мотивирани здравствени работници кои ќе работат во својата родна земја.

– Нагласена е посветеноста кон здрави работници, кои на тој начин можат да бидат продуктивни и во економијата. Заеднички е изразена определба кон развивањето култура на здравје и здрав начин на живот, кон што нашата држава, како што е речено, е подготвена да работи заедно со СЗО, како земја којашто е определена кон почитување и придонес кон европските критериуми и вредности. Во оваа насока, оценето е дека земјава е на вистинскиот пат и дека треба да продолжи со реформите што се од значење на граѓаните, се вели во соопштението од Владата.

На средбата биле присустни и министерката за финансии, Нина Ангеловска и заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, а Клуге бил придружуван од претставници на СЗО и од Џихан Тавилах, шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје.

Претставниците од СЗО од Европа, се тука за вториот Национален форум „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...