Мораме да бидеме максимално одговорни во однос на начинот на кој се трошат парите на граѓаните, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање во врска со Извештајот на Стејт департментот во кој, меѓу другото, се нотира постоење корупција во Македонија на различни нивоа.
– Ако ги земеме предвид бројките во однос на криминалитетот, а пред сѐ, во овој период имаме злоупотребување на службената положба и овластување за 111 проценти од она што било претходно. Тоа значи дека сме отвориле еден широк фронт на борба против корупцијата и тоа не се однесува само на поранешните структури кои биле дел од власта, а кои секако поради долгиот временски период на власт имале поголема можност да прават такви работи за кои не биле преземани мерки – рече Спасовски.
Министерот напомена дека изминатите две недели неколку полициски службеници се санкционирани поради нелегални постапки и додаде дека ваквите чекори се доказ дека МВР е решено да се справува со криминалот и корупцијата.
Во однос на забелешките за реформите во безбедносниот сектор, Спасовски рече дека МВР детално ги анализира сите аспекти нотирани во документот на Стејт департментот и додаде дека за реформа на безбедносните структури веќе се преземени конкретни чекори, усогласени се закони кои се усвоени во Собранието и оти тие реформи треба да профункционираат до крајот на годината согласно рокот содржан во законите.
Тој додаде дека е зголемена контролата што се прави во рамки на самото МВР и оти тој е задоволен од тоа што досега е сторено.
– Тоа не може да биде реформа која денеска сме ја одлучиле, а од утре веднаш ќе почне да функционира – рече Спасовски и додаде дека сериозно се земаат предвид забелешките и од Стејт департментот и од Извештајот на Европската комисија, но не само заради меѓународните фактори, туку и заради тоа што е потребно, како што рече, за самите нас да ја подигнеме работа на полицијата на повисоко ниво.