За нашата земја 2018 година беше година од историско значење, година кога конечно го решивме спорот со Република Грција. Со договорот од Преспа, и со неговата ратификација во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство, потег кој треба да биде мотивација и инспирација за сите, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на министерската конференција во рамки на Брдо Процесот што денес се одржува во Скопје.
– Паралелно со политичкиот процес, работевме напорно на клучните реформски области зададени од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година и тоа, реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација – вели Спасовски.
Спасовски се осврна на низа досегашни реформски активности во рамки на министерството за внатрешни работи а кои имаат за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава.
– Реформски процеси се водат во областите оценети како најкритични и кои имаа негативни референци во извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации, области кои се најсуштествени во Министерството и се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните – нагласи министерот Спасовски.
Тој се осврна и на важноста на самата иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност.
-Радува фактот што во регионот се воведе иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност која ги спои под едно заглавје иницијативите за надворешна помош, ги вклучи и регионалните иницијативи и организации во спроведувањето и реализирањето на таа помош и ги постави основите на вистинска координација на внатрешната безбедност на овој регион. Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува потребната синергија меѓу различните регионални ииницијативи, осигурувајќи одржливост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации на земјите кориснички, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки. Она што останува, имајќи го предвид ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност е поефективно искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ, област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат, но и цврсто воспоставување на регионална сопственост – потенцираше Спасовски.