Спасовски им се заблагодари на соработниците во МВР што го трпеле

Зборувајќи за реформата во безбедносниот систем, досегашниот министер за внатрешни работи рече дека, на стратешко ниво, тоа не било прашање на избор, туку на опстанок

1272

Оливер Спасовски денеска, во Клубот на пратеници, го имаше, можеби, последното обраќање како министер за внатрешни работи во оваа влада на Зоран Заев. Доколку, во меѓувреме, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнат договор за технички министер за внатрешни работи, тој би требало да ја преземе позицијата технички премиер во вториот кабинет на „Илинденска“ скроен според моделот од Пржино.

Спасовски денеска, на брифинг со новинари, ги презентираше резултатите од функционирањето на МВР во годината што изминува, како и за време на целиот негов мандат на чело на Министерството за внатрешни работи, почнувајќи од летото 2017 година. На крајот од обраќањето, тој им се заблагодари на најблиските соработници во МВР за досегашната соработка, како и за тоа што, како што се пошегува, го трпеле сето ова време.

Зборувајќи за реформата во безбедносниот систем, Спасовски рече дека, на стратешко ниво, тоа не било прашање на избор, туку на опстанок, за, преку силно изразена волја на сите општествени чинители, да се воспостават норми што ќе бидат гаранција за заштита на човековите права и слободи, но и брана против тенденции на корумпирање на безбедноста и нејзино ставање во функција на злоупотребата и незаконитото работење.

Во однос на реформата на разузнавачките служби, тој се осврна на формирањето на новата Агенција за национална безбедност, наместо УБК, како самостоен дел од безбедносниот систем и воспоставувањето на новиот модел за следење на комуникациите преку новата ОТА, што произлегуваат како нужност од едно од клучните преговарачки поглавја со ЕУ – Поглавјето 24.

Тој се осврна и на подобрувањето на материјално-техничките услови за работа во полицијата.

– Со завршувањето на постапките за набавка на уште 24.000 пара зимски, летни и полувисоки обувки, потоа на чизми, како и теренски униформи и посебна опрема за ЕБР и посебните единици за поддршка, целосно го заокружуваме тој проект, давајќи до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење – рече Спасовски.

Тој нагласи дека од 1 јануари во буџетот на МВР има и дополнителни парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80 милиони денари на годишно ниво за 4.821 униформирани вработени. Исто така, како што посочи, за две и пол години, се санирани, односно делумно или целосно реконструирани 43 објекти на МВР во сите сектори, за што се издвоени речиси 140 милиони денари.

– Со право веруваме дека во наредниот период, продолжувајќи во континуитет со силна мотивираност да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на МВР – рече Спасовски.

Денеска беше промовиран и вториот број на меѓународното научно списание „Безбедност“, а беше потпишан и Протокол за соработка на МВР со Здружението на новинари на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...