Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од собраниската говорница порача дека мора да се спроведе ветинг систем во полицијата. Се планира донесување на посебен закон за ветинг и формирање на комисии на три нивоа, а ќе се анализираат три аспекти на вработените – професионалното досие, имотната состојба и интегритетот.
– Постојат сериозни индиции дека некои од полицајците, командирите и началниците имаат зголемен имот повеќекратно што го немаат ниту бизнисмени кои по 20 години имаат бизниси во Македонија. Тука го гледам интересот зошто е многу атрактивно да бидете дел од македонската полиција, па на оглас за 30 вработени се јавуваат 3.000. Веројатно мотивацијата се овие луѓе кои ги гледаат во секојдневнието – истакна Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање.
Додаде дека клучните причини поради кои мора да се спроведе овој процес се откривањето на повеќе од 50-тина случаи со фалсификувани дипломи на полициски службеници од кои некои работеле и на раководни функции, како и поради бројот на сторители на кривични дела на вработени во МВР.
– Процесот на ветинг заслужува сериозно внимание и посветено работиме на него. Веќе започнавме да правиме целосна анализа на состојбите заедно со ОБСЕ и ги анализираме европските практики. Сакаме да ги согледаме сите можни аспекти при спроведувањето на овој систем. Целта е овој процес да биде инклузивен и транспарентен – рече Спасовски.
Во однос на комисиите кои ќе бидат вклучени во овој процес, Спасовски појасни дека е планирано да има една надворешна комисија надвор од рамките на МВР, една централна, внатрешна во МВР, како и комисија во рамки на секторите за внатрешни работи.