Спасовски: Има индиции дека и луѓе од МВР биле логистика на Груевски во бегството

Случајот покажува слабости на системот кои мора да бидат детектирани и ако не успееме да ги отстраниме ќе ни се случуваат вакви работи. Треба да се внимава на мерките притвор што ги одредува судот и начинот на кој се спроведува надзорот на луѓето, рече министерот за внатрешни работи.

897

Соопштението од ОЈО за бегството на Никола Груевски не ја исклучува кривичната одговорност за евентуални помагачи на Груевски да побегне. Нормално е дека на крајот ќе знаеме што и како е направено и кој помогнал, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во Отворено Студио 1 на 1 ТВ.

– Индиции постојат за повеќе луѓе, не само од МВР, туку и надвор, кои се смета дека биле логистика во бегството, но тоа треба да го докаже истрагата, а МВР и стои на располагање. Постојат сомневања за повеќе лица, МВР соработува со ОЈО, кое и во соопштението посочи на сомневање во повеќе лица, но за сега не може да се објави нивниот идентитет, ќе се чека исходот на процесот – рече Спасовски.

Тој рече дека бегството на Груевски и на напаѓачот на Зиладин Села предизвикале политичка штета на Владата, затоа што постојат сомневања во јавноста.

– Случајот покажува слабости на системот кои мора да бидат детектирани и ако не успееме да ги отстраниме ќе ни се случуваат вакви работи. Треба да се внимава на мерките притвор што ги одредува судот и начинот на кој се спроведува надзорот на луѓето, не може да се остават слободни без преземање на ниту едно дејствие и да сметаме на совеста на луѓето дека ќе останат да ја издржат казната – рече министерот за внатрешни работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...