Секој од вас што седи тука има вработено по некого во МВР, а секој ваш функционер има вработено најмалку по тројца. Вие треба да се срамите, да се скриете. Не ви оди во прилог да зборувате за непотизам дали станува збор за МВР или за друга институција, одговори министерот Оливер Спасовски на седницата во Собрание на која се расправа за неговата интерпелација поднесена од опозицијата.
Покрај за непотизмот, тој им возврати и за другите обвинувања.
Меѓу кои и за тоа дека разрешувал професионалци на сметка за унапредување на партиски војници на СДСМ.
– Не само што се разрешени, туку 50-тина се избркани од работи. Таквите ваши професионалци ги уништуваа хард-дисковите од 27 април, таквите ваши професионалци беа рака под рака со најголемите криминалци, се наоѓаа по обвинителни клупи во судовите. Јас нема да ги толерирам туку отворена е жестока битка против таквите ваши професионалци. Над 50-60 се со фалсификувани дипломи. Вашиот заменик-началник на Алфите има фалсификувана диплома за средно образование. Со фалц дипломи има во секторот за организиран криминал, началници итн. Ќе продолжам жестоко да се борам за да ги откријам зошто паметни деца седат дома – рече Спасовски.
За набавките на возила преку кумановска фирма блиска до СДСМ, министерот им возврати дека тој набавил 45 возила од кои едно во просек чинело по 21.600 евра, додека Митко Чавков исти возила набавувал за 29.600 евра.
Спасовски одговори и на обвинувањата за нерасчистени убиства, наведувајќи дека станува збор за лажни вести бидејќи во 2018 година има само едно нерасчистено убиство.
Тој жестоко возврати и за наводите за апсењата како дел од политичка хајка.
– Никогаш во ниту еден момент МВР не прави апсења туку тоа го прави Јавното обвинителство. Втора работа, за секој за кој сме добиле налог сме постапиле. Тоа не се функционери, тоа се криминалци на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ќе имаме такви криминалци ќе апсиме, само некојте кога ќе ги апсиме да се откажувате од нив, а потоа да ги прикажувате како свои за политички интереси – рече Спасовски.