Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Секторот за внатрешни работи Тетово, каде што се сретна со раководството на оваа организациона единица при МВР, како и со претставници на локалната власт на чело со градоначалникот Теута Арифи,соопшти МВР.
На средба во СВР Тетово, министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјето на овој сектор за внатрешни работи, при што е констатирано дека таа е стабилна, а се разговараше и за активностите во насока на поквалитетно и поефикасно функционирање на СВР Тетово.
Притоа, како што по средбата изјави и министерот Спасовски, клучен принцип во работата треба да биде максималното почитување на професионалните стандарди и сигурноста на граѓаните. Во таа насока, како што посочи Спасовски, потребна е поинтензивна и поблиска комуникација на полицијата со локалните власти, пред се преку поактивно дејствување на локалните совети за превенција, а се со цел подигање на безбедносните и превентивните стандарди на повисоко ниво.
Министерот Спасовски ја посети и Полициската станица Гостивар, а се сретна и со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.