Спасовски бара од Антикорупциска да ја истражи поврзаноста меѓу него и „Пинк петрол“

508

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска до Државната комисија за спречување корупција поднесе барање да се испита комплетно целиот случај во врска со негова наводна инволвираност во инвестиција на компанија во Куманово за што го обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а што тој веќе ги демантираше.

Според него, целта на изнесените дезинформации, лаги и невистини од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, е да се дискредитира неговата личност за наводно учество во отворање на некаков бизнис во Куманово, нова инвестиција во компанијата „Пинк петрол“.

– Јас одговорно сакам да кажам дека тоа се апсолутно лаги и дезинформации, кои ги демантирав уште првиот ден. Ниту јас, ниту член на моето семејство нема удел во таа или во која било друга компанија ниту во државата, ниту надвор од државата, ниту денеска, ниту во минатото, апсолутно во ниту еден момент. И додека ВМРО-ДПМНЕ, партијата која што ја уништуваше Македонија 11 години повикува да се поведе постапка пред Антикорупциска комисија, јас не повикувам, еве дојдов денеска сам и доставив допис со барање да се испита комплетно целиот овој случај на инволивраност, мојата состојба, потекло на имотот на мене, на моето семејство и да се утврдат аргументите и фактите поради тоа што не смее да се дозволи да се манипулира со јавноста и на еден ваков начин да се врши дискредитација на одредена личност – рече Спасовски.

Тој смета дека ова не може да биде стандард ниту во државата, ниту во политиката, и оти со неговиот чин сака да биде поттик за секој еден да излезе и да ја бара правдата, да можеме, вели, сите заедно да придонесеме кон функционирање на правдата.

Министерот изрази очекување дека Комисијата за антикорупцијата ќе го расчисти целиот случај.

На новинарско прашање појасни дека лицето со кое се поврзувал во овој случај, а е син на сопственикот на компанијата, е вработено во МВР, но не е негов советник и не работи во неговиот кабинет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...