Безбедносната состојба е стабилна во градот, на подрачјето на СВР Битола и на ниво на цела држава. Криминалитетот има стапка на опаѓање. Единствено, според податоците од периодот на моето извршување на министерската функција е забележано зголемување на кривичните дела „злоупотреба на службената должност и овластување“, рече министерот за внатрешни, Оливер Спасовски при посетата на Прилеп.
Спасовски најави дека во МВР се размислува и се прават анализи, Полициската станица во Прилеп да прерасне во Сектор за внатрешни работи.
Министерот рече дека посетата на Прилеп е дел од стратегијата на МВР, посетите на Полициските станици да бидат искористени и за разговор со раководствата на локалните самоуправи и градоначалниците, со цел да се изнајдат начини за обновување на врската помеѓу граѓаните и полицијата.
– Ако немаме взаемна комуникација на граѓаните и македонската полиција, не може да очекуваме ниту поголем степен на безбедност. За да ја обновиме таа врска потребна ни е локалната самоуправа, бидејќи испреплетени сме во многу сегменти, пред сѐ во јавниот ред и мир, сообраќајот, генерално, криминалитетот што се случува низ општините – истакна Спасовски.