Со 60 евра од џебот на граѓаните „Северна“ ќе влезе во личните документи

2846

Издавањето на нови лични документи со новото име Република Северна Македонија се очекува да почне до крајот годинава, а замената граѓаните ќе ја плаќаат сами. Меѓутоа, тоа не значи дека сите наеднаш ќе треба да застанеме во редици за сликање.

Основните документи: лична карта, пасош и возачка дозвола, ако останат истите цени, секој граѓанин ќе го чинат околу 2.400 денари. Ако на ова се додадат и промените на регистарските таблици, тогаш трошоците ќе се зголемат за околу 1.200 денари. Вкупно трошоците ќе изнесуваат околу 3.600 денари или околу 60 евра.

„Северна“ треба да биде во целосна применета во рок од пет години. Додека МВР да набави документи со новото име, како што се очекува до крајот на годинава, документите кои ќе се издаваат ќе бидат со „Република Македонија“, но со важност од пет, наместо од 10 години.

Ова значи дека во пракса, најпогодени ќе бидат оние граѓани кои ќе ги менуваат документите во овој период додека да се набават нови со новото името, бидејќи документите ќе им бидат со преполовен рок на употреба, па наместо еднаш во десет години, тие ќе треба да ги променат своите документи двапати. Предвреме неколку години ќе треба да ги менуваат документите и оние кои ги извадиле документите од 2015 до сега, односно оние чии документи се со рок на важност после 2024 година.

Во меѓувреме, во наредните пет години тие што имаат пасоши со „Република Македонија“ при излегување на граничните премини ќе добиваат печат на кој пишува: „Оваа патна исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“.

Промената на документите, веќе најавија од Владата, ќе биде на грбот на граѓаните. Според актуелниот ценовник, најмногу граѓаните ќе треба да одвојат за пасошите кои чинат 1.500 денари плус административна такса која е 300 денари за лицата постари од 27 години односно од 100 до 200 денари за оние под оваа старосна граница.

Цената за лични карти, пак, е 190 денари. Возачката чини 280 денари, а за неа има и административна такса во висина од 170 денари која се плаќа поради измината важност.

На овие основни трошоци се надоврзува и замената на регистарските таблици за оние граѓани кои имаат возило. Таблиците досега чинеа околу 1.200 денари. На новите таблици, кои треба да почнат да се издаваат во рок од четири месеци, стариот сообраќаен код „МК“ ќе се замени со „NMK“ (North Macedonia).

Меѓутоа, и оваа замена ќе оди постепено, со истекот на регистрациите, а во меѓувреме оние кои патуваат надвор од Северна Македонија, на границите ќе добиваат налепници со кои ќе се покрие стариот со новиот код.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...