Со 4 деца живеат без струја и вода во напуштена барака до Инфективна (ГАЛЕРИЈА)

Помошта ја запишуваме во тетратка - ние да си знаеме на кои луѓе да сме благодарни... Ама се уште никако во тетратката да ги запишеме луѓето од Социјално... тие доаѓаа на два-три пати, запишуваа нешто и толку... – вели таткото Нури.

516

Во напуштена барака која е пред распаѓање, без струја и вода, и на само 50-тина метри од Инфективната клиника во Скопје веќе две и пол години се обидува да живее семејство со четири малолетни  деца – Ертем, Амра, Ервин и Омар.

– Ние и од канта или од контејнер ќе јадеме ако треба, ама за нив мора да има храна од продавница … Нема струја тука во бараката, па кога има нешто за готвење, спремаме надвор на ќумбе, кога нема јадат сува храна… Топлиме вода на дрва надвор, а ги бањаме децата внатре, мора да се чисти за да не добијат некоја болест … Си играат надвор пред бараката, иако се плашиме да не нагазат на некоја заразена инекција, но за среќа досега не сме виделе таков расфрлан медицински отпад, зашто сме во самиот двор на Клинички –  раскажува мајката Лирија Демири (33) .

Таа и нејзиниот сопруг се со оштетен слух, а децата имаат мали проблеми со говорот, често неразговетно зборуваат.

–  И тие се деца и сакаат како и другите да гледаат телевизија, цртани филмови и мобилен сакаат ама – нема… Некогаш се случува да нема доволно храна ниту за нив, а камоли за пелени за двете најмали деца, па мора почесто да ги мијам. А тука немаме вода, мораме во канти и на раце да ја носиме од возниот парк на Клинички. Бевме да се пријавиме во социјалното кај Железничка, а досега ни помогнаа само еднаш – двапати и ни дадоа храна и бебешка облека и толку… А децата бараат секој ден да јадат, да пијат млеко, сок  – вели Лирија.

Иако најстарото дете Ертем има веќе 8 години, тој не оди на училиште.

– Сака да оди на школо, стално прашува кога и тој ќе седне во клупа, бара да запознае и нови другарчиња зашто овде си игра само со браќата и сестричката, а се интересира и каква ќе му била учителката – дали ќе биде строга или ќе му става петки..  „Кузман” ни е најблиску, ама како да го пуштиме на школо кога нема ни ранец, ни патики, а не можеме да му купиме ниту тетратки… Не знае ниту да чита и пишува иако наполни 8 години, па само чкрта… А и Амра која е пет години веќе сака да пишува… Во собата која едвај ја наместивме нема ниту телевизор, ниту компјутер, а и да има немаме струја тука – раскажува мајката Лирија.

Трите деца си играа во дворот пред бараката, со играчки кои им ги подариле луѓе кои поминуваат на улицата над бараката… Додека разговаравме зошто децата не посетуваат училиште, немајќи тетратка или обичен лист, Амра почна да чкрта по чаршавот на масичката…

– Децата се уште немаат никакви документи, ниту здравствени книшки, па плаќаме и на матичен лекар кога мора да ги носам на преглед… Ги пријавивме кај Македонска телевизија, за да добијат извод па и здравствени книшки, ама уште не сме ги добиле документите – вели мајката.

Ова семејство не добива никаква парична помош, иако родителите тврдат дека досега се пријавувале во Центарот за социјални работи.

Таткото Нури Асан (44), беше многу вознемирен и не сакаше ниту да зборува за тешката состојба во која мора да ги гледа децата. Тој собира пластични шишиња и други стари работи, кои ги продава, а не одбива работа и кога некој ќе го повика да среди двор или да пренесе некој товар за да може да ги прехрани децата.

–  Само во Господ верувам дека ќе ми помогне и во добрите луѓе кои поминуваат на улицата и ни оставаат облека, а некои ни даваат и млеко, сокови… една жена ни помогна со 2.000 денари. Помошта ја запишуваме во тетратка – ние да си знаеме на кои луѓе да сме благодарни… Ама се уште никако во тетратката да ги запишеме луѓето од Социјално… тие доаѓаа на два-три пати, запишуваа нешто и толку. Ни понудија да одиме во Чичино село… Ама ние не сакаме таму, сакаме овде да ни понуди државата некоја работа за мене и жената да може да ги израснеме децата. А парична помош не знам зошто не ни следува, не добиваме ниту денар од државата… Среќа што има добри луѓе што сакаат да помогнат, ќе поминат на улицата погоре и ќе не забележат, ама на децата им треба барем леб и млеко секој ден и нешто  зготвено, да не бидат на сува храна … – револтиран е Нури.

Тој остана да ги спрема дрвата за огрев за претстојната зима.

– Немаме струја, а за малку ќе се запалевме од свеќа лани, ама, за среќа, изгоре само креветот и тепихот… Нѐ сочува Господ – и децата и нас –  вели Нури.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...