Со финансиска поддршка од 11,4 милиони денари од Министерство за економија и Општина Чаир до крајот на годината ќе бидат обновени 97 излози во Старата скопска чаршија, соопшти Министерот за економија Крешник Бектеши.
Од буџетот на Министерството за економија за реализиација на овој проект се издвоени 9,7 милиони денари, а од буџетот на Општина Чаир вкупно 1,7 милиони денари.
Бектеши денеска потпишува Договорот за реализација на Проектот за уредување на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија со Општина Чаир.
– Со цел опфаќање на се поголем број на објекти обезбедивме средства за уредување на уште 97 објекти во Старата скопска чаршија за што ја задолживме Општина Чаир да ги превземе сите активности – рече Бектеши.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу истакна дека со реализацијата на овој проект се докажува јасно посветеноста на институциите за оживување на културниот и туристичкиот живот во ова место кое секој ден ги соединува нашите граѓани.
– Реализацијата ја започнуваме уште веднаш со денешното потпишување на договорот со компанијата Конструктор ДОО која беше избрана по законски спроведената јавна набавка – рече Ганиу.
Според динамиката на извршување на активностите, очекувањата се дека до крајот на годината ќе бидат обновени сите 97 излози опфатено со овој Проект.