Осум чартер летови од Швајцарија и од Германија до Македонија биле пуштени само викендот кога се одржувале локалните избори на 24 март во 2013 година, откриваат „бомбите“ во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности.
– Утре има два чартера од Швајцарија до Скопје. Тоа се два авиона по 100 патници, тоа значи 200 патници. Еден од Дизелдорф со 140 патници. Во недела има 5 чартери по 100 патници од Швајцарија – му кажува Миле Јанакиески на Кирил Божиновски два дена пред изборите, односно на 22 март.
Покрај овие, му кажува Јанакиески, има уште редовни линии или вкупно 12 летови. Покрај чартер летовите, за избори биле пуштени 25 автобуси од Италија и од Швајцарија.
– Од Италија 10 автобуси ќе тргнат. Тие ќе идат преку Албанија. Меѓу 10 и 14 часот ќе бидат на Ќафасан. А 15 од Швајцарија, утре околу 10 треба да бидат на Табановце – се вели во еден од разговорите.
Покрај овие, се споменуваат и 38 редовни автобуски линии за време на викенд.
Според пресметките кои ги прават соговорниците во „бомбите“, со вака организираниот превоз бројката на гласачи кои ќе се донесат е околу 4.000.