Со условна казна за напаѓачите на Села ќе се банализира крвавиот четврток

Стојан Павлески е буквално првото лице што влегува во прес салата по пробивањето на кордонот и почнува да се однесува насилнички.

1062

Обвинителството побара затворска казна за двајцата обвинети за насилство, Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески, во случајот со обидот за убиство на Зијадин Села.

– Не е спорно дека за ова дело запретената казна е од шест месеци до пет години што дава основа и за алтернативно санкционирање преку условна казна. Сметам дека носењето условна пресуда ќе претставува банализација на целокупната тежина на настанот. Ако вака се влегува и напаѓа насилнички во законодавниот дом останува прашање дали постои друг објект или место кое може да ужива уште поголема заштита – рече обвинителот Дарко Јакимовски.

Тој наведе дека Стојан Павлески е буквално првото лице што влегува во прес салата по пробивањето на кордонот и почнува да се однесува насилнички. Исто насилнички, рече обвинителот, се однесувал и Цео Ѓорѓиевски кој мавал со сталак од камера и тркала од фотелја.

– Овие обвинети не одговараат за насилнички дејствија кон Зијадин Села, туку за целиот квантум на насилнички дејствија што ги презеле во прес салата пред извлекувањето на Села од аголот каде што беше групата пратеници во прес салата – рече обвинителот.

Тој ги наведе и олеснителните околности дека овие обвинети не се осудувани и имале коректно однесување пред судот, но тоа, посочи Јакимовски, не може да биде до таа мера вреднувано за да ги засени доминантните отежнувачки околности.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...