Со толеранција против омразата

342

Нема никакво сомнение дека секој се соочува со големи тешкотии кога треба да ги толерира оние што не ги сака. Не е нарочно интересно, и нема никакво задоволство, кога се слушаат мислења и гледишта за кои се смета дека во основа се неморални. Човекот по својата природа не е создаден да ги сака своите опоненти. Токму затоа тоа е и најтешкиот испит кога станува збор за толеранцијата. Всушност, испит кој во многу земји резултирал со негативен исход, понекогаш и со катастрофални последици.

Поларизацијата, како што тоа обично се случува, може да биде изразена на различни начини, но ниеден од нив не е посебно убав. Македонија, и поширокиот балкански регион, изобилуваат со грда и деструктивна комуникација која го контаминира јавниот простор.

Но постои ли пат што води напред и на кој може барем делумно да се пресече и запре поларизацијата која е во постојан пораст во сите сфери на политичкиот и оштествениот живот? Ова прашање најчесто се врзува за сфаќањата, односно недоразбирањата околу начинот на кој функционира и на кој практично се остварува слободата на изразувањето, како основно човеково и граѓанско право. И тоа во услови кога демократската држава мора да го стимулира ова темелно право, но истовремено и да постави граници околу неговото практично функционирање.

И во текот на оваа година од многу места, во извештаите на значајни меѓународни институти, беше укажано дека над лободата на изразувањето се надвиснува опасност. Во денешната мошне поларизирана атмосфера во која се одвива јавната дебата е мошне тешко да се даде јасен и недвосмислен одговор на прашањето што е тоа што во основа означува една функционална демократска слобода на изразување. Но тоа што може со сигурност да се тврди е дека рамката во која е можен еден соодветен одговор подразбира пред се поголема мера на толеранција и политичка пристојност.

Во дебатата околу слободата на изразувањето тешко доаѓаат до израз нови гледишта и инвентивни идеи, кои би претставувале изненадување и поттик за поинакви и креативни толкувања. Гледиштата главно се поделени. Од една страна, оние што сметаат дека не треба да се поставува “никаков плафон“, и дека секому едноставно треба да му се дозволи да го изнесе своето мислење, а од друга страна, се оние што постојано истакнуваат дека треба да се размисли како она што јавно се зборува може да биде сфатено, бидејќи никој не треба да биде понижен и навреден. Изјави кои содржат навредлив јазик често водат кон стимулирање на насилна комуникација.

Сепак, таквата поделба дава премногу поедноставена слика за тоа што слободата на изразување всушност треба да претставува, доколку се појде од претпоставката дека правото на слобода на изразување не подразбира дека човек може да каже што било. Како што во својата книга „Мисли слободно или размислувај за другите“ забележува шведскиот професор по политички науки, Кристијан Фернандез, токму како и другите слободи и права, така и слободата на изразување е ралтивна во однос на вредностите на кои им служи и на штетата што може да ја предизвика. Едно општество во кое идеите и знаењето слободно циркулираат и се подложени на јавно преиспитување, создава попаметни граѓани и претпоставки за поиздржани одлуки во однос на општествениот развој, отколку што тоа е случај во општества каде што владеат ригидни конвенции и догми.

Претпоставка за создавање на таква општествена клима е пред се подотвеноста на учесниците во јавната дебата да слушаат, респектираат и да учат едни од други. Како што тоа го дефинира Џон Стјуарт Мил, еден од оснивачите на либерализмот, дека “слободата на изразување подразбира не само слободно зборување, туку и великодушно слушање“.

Во демократско општество што се стреми кон отвореност и транспарентност, и владеење на правото, јакнењето на толеранцијата не треба да биде сфатено како молчаливо и пасивно држање, туку како можност што подразбира дискусија и критика. Размена на мислења што е означена со меѓусебен респект и пристојност треба да да добие јавна поддршка, затоа што само така слободата на изразување може да води кон синтези и нови, меѓусебно прифатливи сознанија.

Во таков случај толеранцијата значи дека се толерираат недоволно промислени, груби и непопуларни изјави во полза на повисоката цел – дека сите заслужуваат да бидат слушнати и дека човек станува попаметен во дискусија со други, без оглед на разликите што иритираат и отклонувањата од нормите што бодат очи. Така би можела да се сфати можноста да се отвори патот за врз подолгорочна основа да се брани слободата на изразувањето.

Демонстративно напушатње на церемноија на доделување на награди за „Спортист на годината“, поради “двојазичност“ и употребата на албанскиот јазик покрај македонскиот, тешко може да се протолкува како вистински чекор во таква насока. Бидејќи, кога прашината ќе спадне, останува отворено прашањето како да се подобрат можностите за да се живее, заедно или напоредно, со сето она што човек не го сака во своето општетство.

Потиснувањето на толеранцијата, и нејзиното туркање некаде во невидливиот простор зад аголот, ја поттурнува и слободата на изразувањето, чекор по чекор – кон слеп колосек.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...