Со речиси 6.000 докази СЈО ќе докажува изборни местенки во „Титаник“

763

Пред судот се наоѓа сложено и обемно обвинение против 21 лице. Заеднички именител за сите обвинети е извршувањето на кривичното дело злосторничко здружување. Вака обвинителката Лиле Стефанова ги започна воведените говори за најобемниот случај на СЈО „Титаник“ чија главна расправа конечно започна.

Во истрагата за овој предмет СЈО сослушало вкупно 191 лице како сведоци, слушнало над 1.000 телефонски разговори и прибрало околу 5.900 докази.

Кривични дела поврзани со изборите во 2011, 2013 и 2014 е она што обвинителството очекува да докаже во судската постапка за „Титаник“. Како се формирала групата, кој каква улога имал, како се уплаќале пари на жиро сметката со наводни донации и чланарини за ВМРО-ДПМНЕ, како парите биле префрлувани за финансирање на кампањите, како Мартин Протуѓер со вработени во МВР вршеле насилство и се заканувале во Охрид каде пред локалните избори функционирала параполициска организација, како биле носени гласачи од Пустец во Центар во 2013, а истите во 2014 се пријавувале да гласаат во Тирана во изборната единица за дијаспората, се само дел од криминалните активности кои обвинителката Лиле Стефанова тврди дека ќе ги докаже во текот на главната расправа.

– Со изведувањето на доказите ќе докажеме дека во првите месеци од 2011 кога се очекувало распишување на предвремени парламентарни избори, кога се очекувале измени во изборниот законик за избор на пратеници од дијаспората и измени на начинот на финансирање на кампањата Николс Груевски, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска создале група која имала намера да врши кривични дела против изборите и гласањето со цел да добијат повеќе гласови за партијата. Ќе докажеме дека другите припадниците на групата го прифателе овој план, а притоа значајно е да напоменам дека сите биле службени лица и истовремено повеќето биле носители на високи партиски и државни функции. Правото на слободно избори е заштитено со уставот и изборниот законик, а слободните избори се клуч за владеење на правото. Наспроти вака обезбедената правна рамка преку изведување на доказите ќе докажеме дека создателите и припадниците на групата за време на избори во 2011, 2013 и 2014 година прибирале незаконски средства со кои ја финансираме кампањата, влијаеле врз слободата и волјата на граѓаните во изборниот процес и делувале врз регуларноста и легитимноста на изборите при што извршиле повеќе кривични дела – рече Стефанова.

За парламентарните избори во 2011, рече обвинителката, ќе докажат дека Груевски и Протуѓер незаконски за кампањата обезбедиле околу 520.000 евра кои незаконски, обвинетиот Далибор Алекшовиќ ги уплаќал на жиро сметка на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ како донации од 529 лица иако овие пари не потекнувале од лицата кои биле запишани во уплатните налози. За истата кампања, Груевски и Протуѓер преку Јанакиевски и Божиновски изнајмиле опрема и рекламен материјал од три фирми, а тоа не било запишано во регистарот на донации.

На ист начин како донации 480.000 евра била финансирана кампањата за локалните во 2013 година кога како одговорни за финансирањето се обвинетите Илија Димовски и Леко Ристовски.

Стефанова наведе и дека околу 200.000 евра биле потрошени за патувања на партиски претставници во странство и за авионски билети за носење гласачи, тоа било плаќано од фирмата АД Бетон Скопје но не било внесено во регистарот на донации.

За парламентарните и претседателските избори во 2014, пак, незаконски биле обезбедени повеќе од 52 милиони денари кои биле уплаќани како членарина од лица кои воопшто и не вршеле упати или биле членови на партијата.

– Откако биле уплатени ќе докажеме дека биле пренесени на изборната жиро сметка и биле употребени за плаќање на обврски за кампањата. Покрај овие средства во 2014 година на една од отворените жиро сметки, обвинетиот Далибор Алекшовиќ по налог на Илија Димовски и Леко Ристовски заедно со други лица извршил уплата на околу 170.000 евра како донација од 294 физички лица – рече Стефанова

Воедно, се посочува дека Секторот за внатрешни работи Скопје ќе продолжи со спроведување редовни контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.

Образложувајќи ги другите кривични дела обвинителката рече и дека се правеле списоци на сигурни гласачи, имало упатство како да се прават и истото ВМРО-ДПМНЕ го дистрибуирало до месните комитети.

– Ќе се преслушаат две цедиња од извршени разговори на новинари кои имале доблест и храброст и во 2011 разговарале со лица кои биле на вакви списоци и лица кои имале обврска да ги изготват списоците… Членови на партијата и вработени во администрацијата се задолжувале да направат списоци од 15 и 30 лица кои ќе гласаат со определување и на тоа до колку часот да излезат да гласаат, а за понесигурните имало и упатства како да го свиткаат гласачкото ливче – рече Стефанова.

Таа најави и дека ќе се сослушаат повеќе сведоци со кои ќе се докаже дека во 2013 за да се влијае на локалните избори особено во Охрид со цел да победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер побарал, а Гордана Јанкуловска дозволила со него во Охрид во предизборниот период да замине поголема група на вработени во МВР кои ќе вршат притисоци во насока на начинот на гласање.

– Ќе слушнеме и ќе видиме како во Охрид дејствувала параполициска служба со насоки и упатства давани од Протуѓер. На денот на изборите тој и останатата група со употреба на сила и закани направиле се да спречат лица да гласаат. Со ова Протуѓер сметал, како што вели самиот, дека ја решил равенката за победа на кандидатот на неговата партија – кажа обвинителката.

За гласачите носени од Албанија и Косово, СЈО очекува да докаже дека биле носени да гласаат во оние места каде според Груевски имало потреба од уште гласачи за да победат нивните кандидати, како во Ресен, Кичево и Центар.

– Тој побарал од Јанкуловска како министер за внатрешни работи да организира лица македонски државјани кои живеат во Албанија и Косово да добијат незаконски решенија за живеалишта и лични карти со цел да влезат во избирачки список – посочи Стефанова.

Организацијата на носењето со автобуси била во рацете на Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец. Истиот, во 2014 пак ги носел да гласаат во Тирана како дел од седмата изборна единица за дијаспората. За тоа им давал награда од 20 евра.

Во организацијата на гласачите од Пустец како гласачи од дијаспората била вклучена и тогашната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска, која во тоа ги вклучила и дипломатските службеници со цел да се пополнат обрасци за промена на живеалиште со што гласачите од Пустец кои на локалните во 2013 гласале во Македонија, на парламентарните во 2014 да гласаат во дијаспората. Објаснувањето било дека повеќе од една година тие не живеат во Република Македонија.

Доказите за сите кривични дела за кои се товарат обвинетите, рече Стефанова, биле собрани во исклучително тежок период и со работа под отежнати околности.

– Од доказите ќе ги докажеме сите кривични дела кои ги ставаме на товар поради што бараме да бидат огласени за виновни и казнети согласно закон – рече обвинителката и како што информиравме побара и конфискација на имот.

Сите обвинети откако таа ги даде воведените зборови рекоа дека не се чувствуваат виновни. Нивните адвокати ќе ги дадат воведените говори на наредното рочиште на 21.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...