Со прстот во устата

1594

Веќе го установивме фактот дека политичките кампањи за претседателската функција ги направија самите кандидати далеку помалку видливи од партиските лидери, како да се парламентарни избори. Тоа е дел од оваа наша политичка култура, во која доминацијата на политичките партии, поточно, партиските лидери, се гледа во сите сегменти не само во политиката, туку во целокупниот живот во земјата. Премногу често се случува системот да заглави, да западне во криза, па со бајпасирање на целиот правен поредок, да се „подмачкуваат“ механизмите со пазарење што е лош сурогат за политичкиот дијалог. Да бидеме докрај реални, ретко кога функционира системот надвор од политичките пазари. Кога ќе размисли човек, сѐ е некаков сурогат, секогаш има спореден излез, а тој е поширок и подостапен отколку главната капија.

Од година во година го гледаме овој депресивен и неатрактивен циркус. И, ај да ги прифатиме за миг сите што влегле во политиката случајно или намерно. Ајде да ги занемариме нивните мотиви, да заборавиме дека во политиката нема многу морал. Да заборавиме дека оние што се занимаваат со политика, многу често имаат ограничени капацитети во секоја смисла на зборот. Да заборавиме дека политичкиот ангажман најчесто подразбира ноторни лаги. Ама, лаги што траат отприлика толку време колку што е потребно да се изговорат? Е, тоа е навистина навредливо за интелигенцијата на луѓето.  

Секој ден, се терам себеси да не прифатам состојба во која ќе се навикнеме на толку ниското ниво на политички манипулации, ноторни лаги и клевети. Единствено полошо од тоа да живееме во оваа мизерија од општество е да се навикнеме на таа мизерија. Дури тоа ќе нѐ претвори во зомби.

Ги гледам јавните настапи, несмасните штракања по социјалните медиуми, глумењето интервјуа и сите останати технологии за масовна манипулација со кои се користат политичарите и нивните тимови за односи со јавноста… Што добиваме? Конфузија и мешање поими, бесрамно присвојување и релативизација, „пипка-трепка“ и „страчка нема врачка“ трикови. За мене најнепријатно прашање од сето ова е: Зарем овие и вакви луѓе биле и сѐ уште се дел од образованието на академските граѓанки и граѓани?

Во суштина, целата македонската политика е една невпечатлива и евтина мелодрама (скапо платена) во која националистите и радикалите постојано наметнуваат темпо и ја задаваат темата. И постојано даваат повод да се бавиме со нив, а кога ќе ги заболи оценката, веднаш квичат и обвинуваат, обојуваат, клеветат и ја менуваат темата. Така беше кога беа на власт, слично е и сега.

Така се однесува и Мицкоски, инаку универзитетски професор што ја води најголемата опозициска партија во пропаста што ја скицираше неговиот политички газда, азилантот Груевски. Во оваа прилика не сакам да ја коментирам кандидатката што ја поддржува, во грижлива и редовна координација со бегалецот во Будимпешта. Сѐ си кажа со одбегнувањето да излезе #НаМегдан.

Да. Поразува нивото на незнаење, едно тотално непознавање на материја што би требало да е дел од општата култура на луѓето, не, пак, за универзитетски професори. И, што е најтрагично, поразува сознанието дека тие не глумат незнаење. Очигледно е дека се тотално дезориентирани и неинформирани. Ништо од тоа не му пречи на еден Мицкоски да глуми „велики лидер“, па дава километарски интервјуа по интернет шупите што ги наполнија со (наши) пари додека беа на власт. Бескрајно повторување на нешта што одамна се покажаа како лага, едно тврдоглаво и опсесивно повторување на исти тврдења и тези, небулози…

Запрепастува незрелоста и неодговорноста со која се тврдат и се прават работи што немаат врска со реалноста, што, кога би имале повеќе моќ, а кога луѓето би биле глупави, би можеле да предизвикаат непоправливи штети.

Така, Мицкоски се обидува да го претвори сопствениот неуспех во успех, а туѓиот успех во неуспех, ама на толку наивен и проѕирен начин, што секого ќе го остави без текст. Од друга страна, многу невешто крие дека веќе го поминал работ од својата политичка автодеструкција и крајна неодговорност.

Мицкоски и неговата партија веќе со месеци се во целосна меѓународна изолација. Најголемата фондација на нивната сестринска партија, Конрад Аденауер, ги прекинаа каналите за поддршка и соработка. Европските лидери го избришаа од своите агенди. Тој и сите околу него можат да сметаат само на долг стаж во длабоката сенка на настаните и процесите што ќе ги остават далеку зад себе. Со прстот во устата.

А кога ќе слегне прашината, еден по еден, ќе излегуваат скандалите. Хидроцентралите, судирите на интереси со истовремено седење на повеќе удобни фотелји во системот, коруптивните зделки, бизнисите, узурпацијата… Само, да се надеваме дека ќе профункционира и правната држава, па да не остане сево ова само на зборови…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...