Македонија и другите земји од Западен Балкан веќе подолго време се изложени на притисоци од страна на Европската комисија околу состојбите поврзани со слободата на медиумите. На таа тема би требало секако и понатаму да се инсистира, имајќи предвид, меѓу другото, дека македонската опозиција упорно продолжува со ретроградно однесување, користејќи ги моделите за фабрикување на разни афери и тензии за да се сврти вниманието на јавноста од најважните прашања, а слободата на медиумите е несомнено едно од нив. Со таков однос кон медиумската сфера и формирањето на јавното мислење, впрочем, во добар дел беше означен и десетгодишниот период на претходната режимска власт. На Мицкоски сигурно не му недостасуваат “квалитетни“ ментори во оваа област.
Земјите од Западен Балкан сакаат да се приклучат кон Европската унија, но засега не успеваат да ги исполнат стандардите на ЕУ за слободата на медиумите, а што е јасно според бројните искуства на новинари и медимску куќи во регионот. Општиот тренд на пораст на непријателството кон новинарството, како што констатира организацијата Репоретри без граници, претставува сериозна закана за демократијата.
Како што е познато, според годинашната листа на медиумските слободи на Репортери без граници, земјите од регионот, освен Србија, бележат напредок, иако минимален, во однос на претходната година. По повеќегодишно назадување е прекинат и негативниот тренд на тонење на Македонија, која напредувала две места и сега се наоѓа на 109 место на листата од вкупно 180 испитани земји. Но Македонија сепак и понатаму е најлошо пласирана во регионот во однос на состојбите околу слободата на медиумите.
Политичките лидери кои ги поткопуваат новинарските процеси носат тешка одговорност, наметнувајќи однесување, преку медиумите врз кои остваруваат влијание и контрола, дека пропаганда, невистини и измислици, – а не факти, – се дозволено средство во јавната дебата. ВМРО-ДПМНЕ го прави тоа секојдневно со гротескно искривување на стварноста, со цел да се постигне максимален ефект во денунцирање на политичкиот противник. Така, на пример, власта пвторно се обвнинува дека тајно крои планови за изградба на бегалски кампови, на локации каде што од наводната изградба на такви објекти не е помрднато ни камче и не е крената ни најмала прашинка.
Но измамата со пласирање на лажни вести и намерно заведување на јавноста секако дека ја постигнува целта. Уништувањето на критичката јавност, на критичкиот однос и повисоко ниво на свест во однос на важни појави и прашања во општеството, е процес кој стихиски, или, пак, помалку или повеќе организирано, веќе подлого време трае во Македонија.
Од друга страна, загрижувачките тенденции на пораст на презирот кон новинраството, кон критички настроеното новинарство што им дава смисла и оправданост на високо поставените европски стандарди во однос на медиумските слободи, претставуваат проблем и во демократски развиените западни земји, како, на пример, во скандинавските, кои со години наназад се наоѓаат на врвот на листата на Репортери без граници.
Посебно загрижувачки феномен што добива голем замав во последно време е ширењето на омраза против новинари на Интернетот. Според еден неодамна спроведен пројект во Шведска, само десетина корисници стојат зад 20 до 30 отсто од коментарите исполнети со омраза и навреди, што се насочени кон новинари, најмногу кон политички коментатори и колумнисти, во повеќи интернет форуми и на социјалните мрежи. Шведскиот истражувачки институт ФОИ дошол до таков заклучок откако обработил дури 6,5 милиони коментари на разни форуми и сајтови. Симпатии кон одредени политички ставови и блискост до заложбите до одделни политички партии се најчесто препознатлив сегмент во тој контекст.
Толку малку луѓе создаваат толку голем проблем и претставуваат закана против демократијата. Би било, се разбира, интересно да се види што би покажало како резултат едно слично истражување во врска со секојдневниот неконтролиран излив на емоции, вжештени политички страсти и вулгарности во македонскиот дигитален простор.
Можеби, споредено со шведскиот пример, нема воопшто да изненади доколку се покаже дека бројот на најжестоките и највехементни негатори на сето она што се пројавува и дише како слободна мисла во македонската интернет-дебата не се разликува значајно.
Можеби помалку според бројноста, а повеќе според количеството на – омраза.