Со 85 гласа „за“, само два „против“ и дванаесет кои не гласале, Сенатот на САД го усвои Протоколот за членство на С.Македонија во НАТО.
Покрај САД, недостасуваат уште четири земји од 29-те членки да ги завршат процедурите за земјава да стане полноправна членка на Алијансата.
Очекувањата се дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.
Засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.