Mакедонски тинејџери добија глобално признание и 20 илјади долари за мобилна апликација

Тимот составен од тинејџери е еден од петте победнички тима што ќе добијат стручно менторство и 20.000 долари почетни финансиски средства за проширување на својата иницијатива - мобилната апликација Speak Out која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртвите од врсничко насилство

2479

Денеска во Њујорк, УНИЦЕФ и партнерите ги објавија петте победници во светот на предизвикот Generation Unlimited. Тимот „АндроМета“, составен од македонски тинејџери, со мобилната апликација Speak Out – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство – е меѓу оние кои ќе добијат стручно менторство од партнерите на Generation Unlimited и по 20.000 долари почетни средства за проширување на својата иницијатива.

Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030. година.

„Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Прочитајте повеќе на порталот „Мајка и дете“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...