Со камерата од мобилните уреди во иднина граѓаните ќе може да вршат нивна лична идентификација и на тој начин нема да мора физички да бидат присутни при склучување договори за платежни картички, кориснички договори со телекомуникациски оператори или при добивање јавни услуги. Алатката ќе се креира во соработка со „Мастеркард“ од каде што тврдат дека системот ќе биде безбеден и оти неможе да има злоупотреба на личните податоци.
– Минавме низ ригорозно испитување на биометриката и она што е важно дека системот не ги зачувува информациите за луѓето што значи не постои база на податоци која ќе може да биде хакирана – изјави заменик – претседателот на „Мастеркард“, Чарлс Валтон на денешното потпишување на меморандумот за соработка со Владата.
Со оваа алатка, според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, повеќе нема да биде потребно физичко присуство на лицето, туку пенкалото за потпис ќе стане мобилниот уред и неговата камера.
– За почнување нов договор за платежна картичка или нов кориснички договор во која било компанија за одредена телеком услуга или за аплицирање и добивање јавни услуги, идентификацијата ќе се врши преку камерата на вашиот мобилен уред без разлика каде се наоѓате физички и во кој дел од светот – рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Во практика, појасни Манчевски, тоа ќе значи дека преку вашиот мобилен уред со отворање на апликација, најпрво го скенирате вашиот личен документ, лична карта или пасош. На тој начин, податоците се проверуваат и камерата на мобилниот уред се вклучува и врши проверка дека станува збор за физичко лице. По овој чекор се врши проверка со сликата во личниот документ и уредот ве идентификува. Ова значи дека повеќе нема потреба да користите усб, токен, документи во хартија, физичко присуство за институцијата да ве идентификува.
Договорено е за првите 150 илјади корисници на порталот Uslugi.gov.mk предвидени се пет бесплатни потпишувања на електронските услуги во првите 12 месеци од почнувањето на акцискиот план. Реализацијата на овој проект, како што појасни, нема да ја чини државата финансиски средства. Од страна на „Мастеркард“ ќе бидат одвоени околу три милиони евра.
– Меморандумот не значи екслузивитет за „Мастеркард“, туку напротив со него само се воспоставува нова технологија за препознавање на идентитетот на граѓаните што налага имплементација на слични технологии и за другите издавачи на електронски сертификати- појасни Манчевски.
Формирана е работна група од сите надлежни институции, а министерката за финансии Нина Ангеловска очекува во следниот период да биде подготвено решението и да стане достапно за граѓаните.
– Придобивки има многу, но и предизвици и ризици. За успешна реализација на еден ваков проект потребна е силна меѓусекторска соработка, волја за промени, градење на свеста и капацитетите пред се кај администарцијата и јакнење на дигиталните вештини кај населението. Дали едно решение ќе биде прифатено зависи од тоа колку тоа е лесно за користење – рече Ангеловска.
Земјава е една од првите во Европа каде што населението ќе добие можност за електронски идентитет. Земјата, како што појасни заменик-претседателот на Мастеркард, е избрана поради посветеноста на државата за дигитални промени.