Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на градските улици и булевари, информираат од Градот.
– Покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ на терен со механизација и рачно го чистат снегот од тротоарите, додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на чистење на сливниците. Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите, соопшти Град Скопје.
Од таму додаваат дека обезбедиле 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува 4.500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт.
Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде ЈП „Улици и патишта“ со целокупната механизација и расположивиот кадровски потенцијал. И оваа сезона Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони, кои се опремени со навигациони уреди и возачи кои ќе ги опслужувааат перманентно во текот на целата сезона.
– Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, стои во соопштението.