Со премиера на две балетски едночинки – „Валпургиска ноќ“ и „Кармен“, во сабота во 20 часот ќе биде отворена новата сезона 2019/2020 на Балетот при НОБ, во знакот на седум децении од неговото основање. Двете постановки се специјално подготвени за јубилејот и се во кореографија на Габор Кевехази од Унгарија.
„Валпургиска ноќ“ е дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и е избрана за овој повод зашто во 1949 година токму со таа премиера во кореографија на Ѓорѓи Македонски се институционализира и почнува развојот на македонскиот балет.
Овојпат „Валпургиска ноќ“ е современа постановка од 20-ина минути која ќе биде комбинирана со 50-минутна изведба на „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин. Ќе учествуваат првенци солисти и оркестарот на НОБ кој ќе го води диригентката Бисера Чадловска.
Кореографот од Будимпешта Кевехази на прес-конференција денеска рече дека речиси две години работел на проектот кој специјално е подготвен за НОБ, комбинирал различни стилови на движења, сакајќи да презентира чиста, неокласична, технички сложена и возбудлива кореографија за македонската публика. Важно му било, рече, да направи јасно разбирлива драматургија од две прекрасни музички дела.
– В сабота тоа ќе биде светска премиера на овие две кореографии, специјално направени за оваа пригода. Верувам дека направивме квалитетно дело со кое балетскиот ансамбл ќе биде горд, а публиката ќе го прими со големо одушевување – рече Кевехази. Притоа посочи и дека му е мило што првата генерација на Балетот во Скопје го имала и балетскиот играч со унгарско потекло Јован (Јанош) Пашти.
Диригентката Чадловска истакна дека свитата од „Кармен“ ќе биде изведена со поинаква оркестрација, односно без дувачки инструменти кои ќе бидат заменети од ударни. Соопшти и дека во ноември Операта премиерно ќе ја изведе оперската претстава „Кармен“ која ќе биде сосема нова постановка, различна од балетската изведба. – Две различни претстави од иста приказна, додаде Чадловска.
Сценограф е Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска. Првата реприза на „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ ќе биде на 8 октомври, кога оркестарот ќе го води диригентот Иван Еминовиќ.
Директорката на Балетот Олга Панго истакна дека премиерата е во склоп на чествувањето 70 години постоење кои се одбележуваат во текот на целата година. За јубилејот, рече, подготвуваат и гала-концерт и изложба во декември.
Работата на Балетот почнала на 27 јануари 1949 со премиера на „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Кореограф бил Ѓорѓи Македонски, основоположник на балетскиот ансамбл, кој една година претходно бил назначен за шеф на балетот на Државната опера во Скопје. Диригент на првата балетска премиера бил Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ-Цицо, костимограф – Милица Бабиќ-Јовановиќ.
На 30 декември 1949 бил изведен и првиот целовечерен балет – „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во оваа претстава се појавила првата генерација македонски балетски играчи, кои во наредните две децении биле главни носители на репертоарот, меѓу кои: Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска, Јанка Атанасова, Тони Шулевски, Александар Гочков, Љубомир Спасовски…