Со или без Мицкоски, лидерска во петок ќе има

482

Лидерската средба која ја закажа премиерот Зоран Заев за во петок, останува без разлика дали на неа ќе се појави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Присуството го потврија и Али Ахмети и Зијадин Села.

– Лидерската средба останува, таму има уште двајца лидери, покрај мене се надевам ќе биде присутен и господинот Мицкоски. Сите теми се потенцијал за разговор, јас нашите ставови јавно сум ги кажал, немам намера да исполнувам желба за предвремени избори иако знам дека ќе победам, знам дека власта ќе победи и сум убеден во тоа, но немам намера заради тоа да наштетам на економските перспективи на граѓаните. Сѐ е завршено, која земја кога станувала членка на НАТО и почнувала преговори со ЕУ го одложувала тоа и одела на избори? – рече Заев.

Мицкоски рече дека нема да се појави и може да разговара само за предвремени избори, додека Заев во поканата повика да седнат на маса и да зборуваат за пописот, Изборниот законик и Законот за јавното обвинителство. Но, остави можност и другите лидери да номинираат теми.

– За сѐ сум спремен да разговарам што било кој од учесниците е спремен да го нотира како дневен ред. Не мора да се договориме за сите прашања, но треба да седнеме да разговараме. Не може да барате да бидеме нормална држава, а да не седнете да разговарате за пописот. Пописот Македонија и Сомалија и не знам кои уште две-три држави го немаат. Не е напревен во 2011 кога тие беа на власт. Треба да седнеме и да ги заокружиме евентуално сите резерви кои ги има некој за да го гарантираме успешниот процес. Пописот ѝ треба на државата како леб – вели Заев.

Тој на Мицкоски му порача дека ако бара причина за предвремени еве го и Изборниот законик, па нека дојде да се разговара и за него.

– Вели за предвремени треба да разговараме, човеку дај да се договориме за изборен законик. Имаме препораки од ОДИХР, треба да ги вградиме. Едно време ние како опозиција молевме да ги вградиме, сега власта моли, опозицијата не сака на лидерска да дојде. Не го сфаќам, еве бара причина за избори, еве причина дојди за изборен законик да разговараме – порача премиерот, кој посочи и оти носењето на закон за јавното обвинителство е обврска и на власта и на опозицијата, на сите кои со полни усти зборуваат за правна држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...